Дефект и паника се причина за потонувањето на бродот „Илинден“ е првичната оценка на експертите.

Во несреќа што вечера  околу 10.35 часот се случи во водите на Охридското Езеро на околу 200 метри во правец на автокампот Елешец  загинаа 15 лица, сите државјани на Р. Бугарија. На  бродот Илинден на кобното патување имало 53 бугарски туристи и тројца македонски државјани.

Според првичните, неофицијални информации, бродот Илинден кој бил претоварен во еден момент наеднаш скршнал во десно и изгубил контрола на кормилото, што според експертите укажува на кинење на сајлата за управување, по што бродот се навалил на едната страна и брзо почнал да тоне со задниот дел.


Таму каде што има сообраќај секогаш има несреќи, а незнаењето е чекор до несреќа, рече во  изјава за медиумите капетанот во пензија Злате Клечкароски.

-Не треба да прејудицираме. Се откачила сајлата од кормилото и бродот нагло завртел, а во тој момент патниците кои се наоѓаат на едната или другата страна по самата инерција преоѓаат на другата страна и се губи стабилноста. На таа страна каде што ќе прејдат патниците може да дојде до навлегување на вода во внатрешноста. Секој давеник се фаќа за сламка. Ако бил бродот оптоварен со четириесетина и повеќе пливачи во кои да имало само тројца непливачи создаваат паника така да можат да настрадаат и тие што знаат да пливаат и тие што не знаат, вели Клечкароски.

Тој истакна дека капетанот Сотир Филески иако млад бил многу искусен и посветен на работата. Бродот „Илинден“ кој е изграден во дваесетите години од минатиот век беше реконструиран во доцните деведесети под надзор на надлежните органи, но според Клечкароски доволно е само едно мало невнимание или ако се откачила сајлата од кормилото,  да предизвика несреќа.

Ohridnews