На децата треба да им се чита многу, уште од најмала возраст. Во ова време кога технологијата зема замав треба да им се понудат интерактивни приказни, каде самите ќе партиципираат. Од друга страна правилниот говор и изговор на стандардниот македонски јазик е задача пред сé на возрасните што треба да се пренесе на младите генерации. Ова беше посочено на денешното одржано советување во Охрид на тема „Читањето во ерата на екраните – битка помеѓу алгоритмите и книгата“ по повод 5 Мај – Ден на македонската азбука, а во рамките на одбележувањето на осум децении од излегувањето од печат на првото списание за деца и првиот буквар на стандарден македонски јазик.

Учесниците, за жал го потенцираат дека децата се помалку читаат, имаат потешкотии во читањето и во разбирање на прочитаните содржини. Според нив во оваа проблематика потребно е сите заедно и родителите и образовните институциите да се вклучат во надминување на проблемите, но и да се прилагодат  наставните програмите согласно возраста на децата.

Овие советувања имаат за цел да ја вратат книгата во мода. Инспирирани бевме од Фондација Марјановиќ кои организираат натпревар во раскажување веќе трета година по ред, а немаме раскажување ако не читаме. Идејата е децата да читаат повеќе, да го раскажат тоа што го прочитале и врз основа на тоа да се натпреваруваат. Значи, тоа е еден конкретен чекор кој што ги мотивира децата да читаат повеќе. Инспирирани од тој натпревар се обидовме да покренеме една поголема јавна иницијатива која што ќе биде во форма на советување, која што ќе ги мотивира воспитно образовните работници од сите нивоа на воспитно образовната работа, почнувајќи од градинка до средните училишта, како да направиме, каква методологија, каква практика да ги мотивираме децата повеќе да читаат, вели Ксенија Маказлиева Трајчева, писател за деца.

Покрај натпреварот во раскажување, како добри практики споменати на претходните советувања ги посочува активирањето на библиотеките, библиотекарите во градинките и училиштата, како и воспитувачите по пат на реализирање на книжевни работилници.

Колку е детето помало, толку е поважно да му чита возрасниот, да му чита на глас, да му чита експресивно, да го внесе детето во приказната. Тоа е едната страна, а другата страна е дека на модерното, современото дете мора да му понудиме интерактивна приказна во која што ќе партиципира, каде што ќе треба да доцрта, да дообјасни, да препознае, да преброи и веќе детето да стане активен член од дадената приказна и она што е исто во современите текови, поставуваме дигитални содржини во самите списанија, во самите книги во форма на QR кодови, сé со единствена цел да може детето и самостојно ако го скенира кодот, ја слуша приказната, влегува во приказната. Тоа е едната страна, а другата страна е слушањето на правилниот говор и изговор на македонскиот јазик, што е многу важно. Ние си ги почитуваме, нели дијалектите, богата држава сме со богати дијалекти. Меѓутоа, правилниот говор и изговор на стандардниот македонски јазик е задача пред сé на нас возрасните да им ја пренесеме на младите генерации, вели Маказлиева Трајчева.

Посочи дека се обидуваат дигитализацијата да биде алатка која што ќе помогне, што не значи дека ги форсираат екраните кои се присутни, компјутерите, телефоните…

Меѓутоа, кога веќе ги имаме и кога децата имаат потреба да бидат пред екраните одреден период од денот, којшто секако возрасните треба да го контролираат, да биде тоа корисно искористено време. Дали ќе слушат некоја песничка, некоја приказна, некоја дигитална игра, но едукативна, значи која што ќе делува позитивно мотивирачки и да ги инспирира децата да побараат нова книга и нова сликовница, додава Маказлиева Трајчева.

Директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид, Христина Трпеска посочи дека дека имаат доста активни читатели, но и дека преку низа проекти се обидуваат да ги приближат и возрасните и децата до книгата. Воедно, ги посочи проектите „Читаме гласно и раскажуваме“ и „Книгата е мојот најдобар другар“ за деца од второ и петто одделение во насока на подобрување на читањето кај децата, како и изучување содржини од енциклопедии.

Нашата установа стои цврсто на браникот на книгата и јазикот. Имаме бројни проекти кои длабоко задираат и на еден посуптилен начин се впуштаат во сржта на образованието и уметноста. Сè околу нас брзо се менува. Така и ние преку овие форми на комуникации ги прошируваме сопствените знаења, а потоа ги пренесуваме кон другите, додаде Трпеска.

Дигитализацијата што почнува од мали нозе прави проблем кога станува збор за читањето, вели Емилија Блажеска, наставничка по македонски јазик во ОУ „Ванчо Николески“. Посочува дека многу поголем проблем е да се разбере тоа што ќе се прочита, но дека текстовите не се соодветни за возраста на учениците. Порано вели имаше паралелки каде сите знаеа да читаат и пишуваат, а сега половина од децата имаат проблем со течно читање, а сите имаат проблем со убаво пишување.

За тоа колку читаат децата мислам дека сме свесни сите дека децата не ни читаат. Ретки се тие деца што читат. Како да ги мотивираме? Мислам дека сè уште сите бараме начини. Некое дете ќе го мотивираме на еден начин, некое на друг. Кога дете од три години е на телефон, на шест години веќе нема да чита. На денешните деца вниманието им е две до три минути на една активност, така што мислам дека за да се чита, вниманието треба да е концентрирано подолго време за да може една книга да се прочита. Можеби родителите дома треба да се вратат на стариот начин на читање приказни навечер пред спиење, наместо гледање Јутуб, ТикТок. Така што ова не е работа само на наставниците. Ова е заедничка работа на родители и на наставници, како да се мотивираме и на цела држава, потенцира Блажеска.

Мери Крстевска, наставник во ОУ „Св. Климент Охридски“ го потенцира проблемот со разбирање на прочитаните текстови, посочувајќи дека децата читаат механички, но и дека програмата по која учат треба да се менува.

Децата читаат механички, дури и не се слушаат самите себеси, не разбираат што читаат, немаат желба за читање. Мислам дека треба се почне со советувања ефективно на родителите значи и од рана возраст тоа да се практикува во домот навечер пред спиење да се чита, да не дозволат дете после трето одделение веќе да не знае да чита и да пишува. Да се вежба рачното пишување кое што веќе не личи на ракопис. Треба да се стекне желбата за тоа и да се објасни зошто е тоа важно. Ако веќе треба да пишува, значи треба да знае дека тоа треба да е писмено, дека треба да биде писмен човек, треба да знае да чита, да пишува. Но, проблем има и со наставните програми и децата не се созреани да ги разберат наставните програми, додава Крстевска.

Инаку, настанот беше организиран на заедничка иницијатива на Сојузот на просветните работници на Македонија, Здружението на просветни работници на град Скопје, Здружението на одделенски наставници „Учител“, Педагошки факултет „Св. Климент Охридски“, УКИМ Скопје и НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид, со поддршка на фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“, „Просветно дело“, Редакција „Детска радост“ и Општина Охрид.

Н.С.Ј.