Децата од струшкото село Подгорци од неодма имаат можност своето слободно време да го поминуваат во спортување и тренирање џудо.

Според тренерот на џудо клубот „Дрим“ Ѓорги Стојанов, дечињата од ова населено место немале можност да се занимаваат со ниту еден спорт, што било и инспирација да отворат џудо секција

Она што не’ прави особено среќни е фактот што конечно децата од Подгорци ќе имаат можност активно да се занимаваат со спорт и тоа со најдобриот – џудо спортот. Како спортски клуб ќе придонесеме за развој на здрава спортска младина без пороци. Децата треба да добијат можност своето слободно време да го исполнат квалитетно и преку спортски активности да градат позитивни вредности. Само така ќе создаваме генерации кои ќе се движат по вистнискиот пат, а истовремено ќе откриваме таленти кои ќе носат индивидуални и клупски успеси, вели Стојанов.

Дека џудо-секција во Подгорци била повеќе од потребна, според него, говори интересот на децата кои за три дена ја наполниле салата во основното училиште во селото.

Децата од Подгорци покажуваат голем интерес, на овие бесплатни тренинзи каде им овозможуваме да се запознаат со спортот и да одлучат дали се пронаоѓаат во нашиот тим, доаѓаат седумдесеттина деца што е одлична бројка, потенцира Стојанов.

Изрази благодарност до раководството на основното училиште „Гоце Делчев”, кои им овозможиле услови за одржување тренинзи и презентација од придобивките на џудо спортот.

OhridNews

Фото: Џудо клуб „Дрим“