Со детски песни и игра денеска во ОУ „Григор Прличев“ се одбележа 20-ти Ноември- Светскиот ден на детето. Директорката Ивана Маховска Шикалеска, во обраќањето пред присутните рече дека децата треба да ги оставиме да живеат во нивниот детски свет, но да ги воспитуваме, образуваме и насочиме кон правиот пат.

Изминатата година во училиштето имавме многу малку детски џагор, но оваа година имаме училиште кое е полно со деца, со насмевки и училиште на кое сме сите горди и се радуваме, особено децата. Она што децата значат за сите нас не би го потенцирала, бидејќи сите ги чувствуваме како наш свет. Вкупно 1080 деца на број има во нашето училиште. До вас сите присутни, имам молба, да ги оставиме заеднички децата да живеат во свој свет, да ги оставиме да го живеат својот детски свет, бидејќи тој свет е многу поразличен од светот на возрасните. Да ги оставиме децата да припаѓаат онаму каде што навистина припаѓаат, а тоа е нивниот розов свет и нивниот свет полн со насмевки. Да ги чуваме заедно децата, да ни бидат наша гордост. Да ги воспитуваме и образуваме и да ги насочиме заедно на правиот пат, рече Маховска Шикалеска.

Ева Карамитре, претседател на училишниот парламент вели дека битно е да се знае дека секое дете си има свои права, но и одговорности кои треба да ги исполнува.

Во оваа насока децата од нашето училиште на отворен час во секоја генерација, ги претставуваат нивните права и обврски со изработки на хамер. Постои голем интерес од страна на децата за вклучување во вакви активности, вели Карамитре.

Училишниот правобранител, Иво Георгиески вели дека децата се запознаени со своите права и обврски, но и со неговата улога во училиштето.

Децата знаат дека мојата улога е чување на правата на децата, но и обврската да ги опоменувам дека треба да ги знаат своите права и да ги почитуваат. Досега нема регистрирано прекршување на детските права, вели Георгиески.

 

Во склоп на активностите за одбележување на Денот на детето беше поставена и изложба со изработени цртежи од децата преку кои пренесоа пораки што би сакале да има во светот за децата. Меѓу нив беа споменети љубов, мир, другарство, храна за сите деца во светот.

Н.С.Ј/ К.А.