Вкупно 34 општини добија решенија за изградба на инфраструктура за пристап до земјоделско земјиште од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2022 година, меѓу нив и Општина Дебрца.

По поднесен проект од страна на Општина Дебрца, одобрено е тампонирање на полски пат во село Требеништа, информира градоначалникот Зоран Ногачески.

Решенијата на претставниците на општините им ги врачија министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, државниот секретар Реџаил Исмаили, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Никица Бачовски и заменик-директорот Ремзи Абдулахи.

Мерката 124 од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2022 година е наменета за општините на целата територија на државата, што придонесува за рамномерен регионален развој. Финансиската поддршка е во висина од 100 отсто од вредноста на одобрените прифатливи трошоци на инвестицијата, а се исплаќа по целосното завршување на инвестицијата од страна на корисникот. Максималната вредност на прифатливи трошоци по корисник изнесува 1 милион денари, се вели во соопштението од Министерството за земјоделство.

Со финансиска поддршка од Министерството, преку оваа програма, 34 општини ќе инвестираат во инфраструктурни проекти за пробивање и тампонирање на локални пристапни патишта во вкупна должина од околу 19.000 метри. Со тоа на земјоделците ќе им се овозможи полесен пристап до нивните ниви, односно до обработливо земјоделско земјиште.

Вкупната вредност на одобрените договори е 33 милиони денари што претставува зголемување за повеќе од двојно, споредено со последниот повик во 2018 година кога беа доделени решенија на 20 општини со вкупна вредност од 16,3 милиони денари. Дополнително преку Програмата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за капитални субвенции за поддршка на Центрите за развој на плански региони, за последниве пет години  инвестирани се вкупно 77 милиони денари за изградба на 78 локални патишта низ целата држава. Или вкупно преку двете програми, досега сe инвестирани 126,3 милиони денари за изградба на вкупно 132 локални патишта за пристап до земјоделски површини, нагласи Николовски.

OhridNews