Дебито на македонската фудбалска репрезентација на големата европска сцена е еден од седумте мечеви, кои не смеат да се пропуштат на Европското првенство, кое ќе се одржи ова лето. Прв ривал на Македонија е австриската селекција. Натпреварот ќе се игра на 13 јуни, на стадионот во Букурешт, Романија.
Македонија беше во група со Австрија во квалификациите, пред да ги мине Косого и Грузија во баражот за да го обезбеди својот прв настап на завршниот турнир и сега има шанса за реванш. Австрија ја победи Македонија и дома, а и на гости, а таа победа во Виена со 2-1 им го обезбеди пласманот на Евро 2021. Сепак, сега ќе биде поинаку кога ќе се судрат во Букурешт. Првата ѕвезда на Македонија е капитен, фудбалер со најмногу настапи и голови, Горан Пандев, кој го даде погодокот за пласман на ЕП. Ќе има ли уште еден значаен погодок или два за 37-годишната ѕвезда? – стои во објаснување на интернет сајтот од УЕФА.
Во седумте мечеви кои не смеат да се пропуштат се првиот меч на ЕП помеѓу Италија и Турција во Рим, потоа спектаклот и дербито на европскиот првак Португалија со светскиот шампион Франција во Будимпешта, најстарото ривалство помеѓу Англија и Шкотска на „Вембли“, дебито на Финска на ЕП после повеќе од еден век и 750 меча на националниот тим против Данска, како и дуелите на Шпанија со Полска предводена од Роберт Левандовски и пресметката на Германија со Унгарија.
Македонија покрај дуелот со Австрија, во фазата по групи ќе се сретне уште со Украина во Букурешт и со Холандија во Амстердам.
OhridNews