Во дебито на Кирил Лазаров и Никола Карабатиќ во дресот на Барселона, славната каталонска екипа во обичен тренинг го декласира второлигашот Бордилс со 27 разлика и обезбеди финале на каталонскиот Суперкуп најверојатно против прволигашот Грањолерс (во второто полуфинале оваа екипа е фаворит против второлигашот Есплугес).

Од самиот почеток цврстата одбрана на Барса му наговести на ракометарите на Бордилс дека нема шега. По почетните 4:4, домаќините не постигнаа гол цели 8 минути и предноста на црвено-сините веднаш скокна на 4:9 и 7:12. Иако не почнаа во стартниот тим, главните звезди на Барселона, Рутенка, Лазаров и Карабатиќ брзо се вклопија во ракометниот фестивал и до одморот шпанскиот првак имаше скоро па двоцифрена предност (14:25).

Чави Пасквал постојано ги ротираше своите сили во ростерот и скоро сите се запишаа меѓу стрелците. Нашиот Кирил Лазаров многу мотивирано влезе во мечот и скоро секој неков удар завршуваше зад грбот на домашниот голман Комас.

Посебно егзибиционо беше второто полувреме кога се виде и разликата во физичка сила и енергија во полза на Барселона. Лазаров на крај собра 5 гола, играше како и најчесто колективно и овој меч главно му послужи за прв впечаток со неговата нова екипа по две недели напорни тренинзи.

Веројатно нешто потешко ќе биде во финалето, каде ривалот ќе биде за една категорија поквалитетен од второлигашот Бордилс.

 

Ohridnews