Убавата и витка Барби се здебелила за 30 килограми и со право го заслужила прекарот Барби XXL. Најпознатата кукла на светот, која неодамна го прослави својот 50-ти роденден, преку ноќ се претворила во дебела и неугледна креација.
Целта на трансформацијата од убавица во дебела жена е дел од новата кампања на американската организација „Active Life Movement“, која со мотото „Чувај ја дебелината подалеку од своите деца“ сака да ги предупреди родителите дека на се’ поголем број деца и адолесценти им се заканува прекумерна дебелина.
Во организацијата се надеваат дека девојчињата, но и нивните родители, ќе се загрижат и ќе преземат мерки за зачувување на здравјето.
Но, „Active Life Movement“ се погрижи и за здравјето на машките деца, па така, за момчињата го одбрале Супермен, кој од летечки херој се претворил во дебел маж со голем стомак. Наместо да лета и да ги спасува луѓето, тој е седнат во фотелја пред телевизор и јаде калоричен сладолед.