На 11-ти септември,петок, со почеток во 12.00 часот во просториите на ЈУНП „Галичица“ ќе се одржи јавна расправа на која ќе се дебатира околу измените во Планот за управување со Националниот парк Галичица и реализацијата на најавените проекти во рамки на националниот парк.

– Националниот Парк „Галичица“, веќе и официјално е во опасност од уништување. Новите измени во Планот за управување со Националниот Парк, подразбираат отстранување на досегашниот степен на заштита на најранливите подрачја на оваа планина со цел изградба на Ски-центар, експресен пат широк 14 метри и туристичко-развојна зона во Отешево, Стење и Љубаништа. Ваквиот мегаломански потфат би подразбирал целосно уништување на шареноликоста на оваа природна убавина, која токму и произлегува од специфичниот склоп на ендемични и автохтони видови, особени оние во жариштето на нејзиниот биодиверзитет. Вкупната површина на предлог проектот се протега на 324,62ха, од кои 310,46ха се заштитена површина на Националниот парк. Ова значи незаконска и неприфатлива промена во зоните на заштита во Националниот парк (за проектот да може да се имплементира треба да се симне нивото на заштита на одредени зони). Постои огромен ризик изградбата на патот да ги наруши подземните водени текови кои го напојуваат Студенчишкото Блато, што може да значи уништување на блатото, а доколку се уништи блатото, во многу скоро време ќе се уништи и езерото, велат од граѓанската иницијатива Охрид СОС чии претставници ќе учествуваат на јавната расправа.

Оттаму со став дека експресниот пат не е економски одржливо решение бидејќи по него не смее да се движат пешаци и велосипедисти со што ќе се наруши природното движење на авантуристите кои можеа да стигнат до планината директно од сместувачките капацитети.

– Патот ќе создаде вештачка бариера и ќе ги одврати ваквите туристи да го посетуваат Охрид за да практикуваат ваков тип на туризам, кој е најисплатливата туристичка алтернатива бидејќи трае во текот на целата година и не е ограничена на одредено годишно време. Од големо разочарување е тоа што ова се случува во екот на развојот на алтернативниот туризам во овој регион. Неодамна, тука беа пронајдени и нови пештери и стана атрактивен спелеолошкиот туризам. Планината Галичица во која се наоѓа Националниот Парк Галичица е интегрален дел од екосистемот на Охридското Езеро и е дефиниран како исклучително важен регион од страна на Унијата за заштита на природата  и затоа заштитен со закон уште од 1958 година. Ливадите на Галичица се дом на 1.644 видови на пеперутки и 800 видови флора со висока биолошка вредност. Најубавата пеперутка на Балканот – Парнассиус Аполло мацедоницус може да се најде токму во националниот парк Галичица. Поради својата исклучителна биолошка разновидност со меѓународно значење во 2014 г. НП Галичица стана дел од Светската мрежа на биосферни резервати на УНЕСКО – во светот постои само 31 ваков прекуграничен биосферен резерват. Наша должност е да го заштитиме овој исклучителен амбиент за идните генерации, потенцираат од Охрид СОС.

OhridNews