Политички консензус за европскиот пат на Македонија постои, но политиките и начините на кој тоа се реализира се различни. Ова денеска го изјави градоначалникот Кирил Пецаков на кафе дебатата „Европеизација на Македонија – Дали сме на добар пат“, што се одржа во кафе бар „Кадмо“ во Охрид.
Денешната тема се провлекува низ политичко- општествениот живот на Македонија повеќе децении, а деновиве стана особено актуелна со последните потези што ги влече владата. Претпоставувам дека сите ќе се согласиме, а тоа е политички консензус кој трае –европеизацијата на Македонија никогаш не била доведена во прашање, само начините, методите и политичките средства како тоа се остварува, биле различни. – рече Пецаков.
Идејата на овие дебати е додека траат овие тешки преговори да согледаме дали ние дома си ја вршиме нашата задача и дали си го чистиме сопствениот двор, вели претседателот на Паневропската Унија на Македонија, инаку организатор на настанот, амбасадорот Андреј Лепавцов.
Ние сакаме да ги поттикнеме луѓето да размислат каде се наоѓаат, да не политизираат до тој степен, не е потребно да води секој висока политика, треба секој да се грижи за својата куќа, за својот дом, својата општина и својот регион. Ние секојдневно дискутираме за теми за кои не можеме ништо да придонесеме, но можеме да придонесеме да не фрламе ѓубре, да имаме подобра инфраструктура, да личат градовите, да ги развиваме локалните економски практики и секој треба да е свесен за тоа. – истакна Лепавцов.
Тој смета дека државата се уште не е на вистинскиот пат и треба уште да работи на европеизацијата.
Имаме сериозни проблеми, и затоа идејата е секој поединец да придонесе оваа држава и оваа средина да станат место со европски практики, додаде тој.
На дебатата учество зедоа и амбасадорот и поранешен министер, Марјан Ѓорчев, Ректорот на Американ Колеџ,Марјан Бојаџиев, професорот од Економски факултет, Љубомир Кекеновски , Огнен Цубалевски – Генерален менаџер на ОДВ ЕЛЕКТРИК“ и туристичкиот работник Олег Маленко од ТА „ВИС ПОЈ“.
Тие отворено говореа за состојбите во земјата, споделувајќи лични искуства и конкретни предлози за подобрување на состојбите во нашето општество во кое, впечаток е, има потенцијал, но нема доволно волја за вистинска европеизација.
Ние во реалниот сектор постојано добиваме забелешки за одредени појави, конкретно во туризмот, кои им сметаат не само на гостите, туку и на секторот, што во многу влијае на впечатокот за државата. Се надевам дека со исполнување на стандардите за влез во ЕУ, ќе се променат многу работи, а ќе се елиминираат и девијантните појави кои го оптоваруваат не само бизнисот туку и општеството, посочи Олег Маленко.
Г.М.
Фото: Бобан Стојаноски