Спортското новинарство во Македонија е исправено пред сериозни предизвици кои ја загрозуваат некогаш влијателната професија. Соочени со големи промени кои ги носи новото време, пред се значително зголемената и нејасно дефинирана конкуренција во дигиталниот свет, вклучително и социјалните мрежи што забрзано се шират, економската зависност, нискиот стандард и недостигот на кадар, ги загрижува спортските новинари од земјава. Тие деновиве во Охрид дискутираат за состојбата и условите во кои работат спортските новинари во редакциите, но и на терен, како и за проблемите околу безбедноста и емитувањето преноси од спортски настани на странски јазици. Дебатата има наслов „Спортското новинарство – опомена пред исклучување,“ а ја организира Секцијата на спортските новинари при Здружението на новинари на Македонија – ЗНМ.
Предупредуваме дека спортското новинарство ќе доживее судбина на многу професии кои изумреа во поново време. Ние се уште се бориме, се уште постоиме меѓутоа, нашата улога во медиумите, но и во општеството, е драматично намалена и сега се обидуваме на еден начин да испратиме апел до сите што се наши непосредни соработници, конзументи и предмет на интерес како спортисти, клубови, федерации и медиуми. – вели во разговор за OhridNews Перо Момировски, претседател на Секцијата на спортски новинари при ЗНМ.
Секцијата на спортски новинари во земјава беше возобновена пред три години во рамки на ЗНМ. Истата има долга историја, а дел од македонските спортски новинари во бившата држава беа и предводници на Здружението на спортски новинари на Југославија. Традицијата брзо е срушена за што говори фактот дека еснафското здружение не функционираше без малку дваесет години, посочува Момировски.
Колку и да сме егоистични ние во оваа фела, низ дискусиите тука во Охрид провејува самокритика. Ние сме свесни дека сами сме виновни, со прифаќање на условите коишто ни беа наметнати, отсуството на стабилни финансии, напуштање на стандардите. Се тоа не одведе во ситуација каде што ние веќе немаме услови за работа, немаме безбедност, немаме средства за егзистенција. Медиумите стануваат мали, расцепкани, борејќи се со конкуренцијата да дојдат до малите средства од рекламниот колач. Но факт е и дека повисоките инстанци од типот на федерациите, големите клубови, спортистите, државата, да не говорам за двата нејзини субјекта коишто треба да водат најмногу грижа, МОК и Агенцијата за спорт и млади, едноставно не сакаат да се занимаваат со спортското новинарство а сето тоа ќе има последици. Губењето на важен субјект во јавниот живот ќе направи простор полесно да доаѓаат до израз инфлуенсерите коишто не се секогаш најпрецизни, лажните вести, кампањите со не знам какви се намери. – истакна Момировски.
Дел од посочените инстанци изразуваат декларативна подготвеност, други ветуваат помош да се надминат состојбите, но има и такви кои воопшто не се одѕиваат на нашите повици за соработка, меѓу нив, за жал, и големи федерации, кои, ќе кажам искрено, владеат дел од тој медиумски простор, додава првиот човек на Секцијата на спортски новинари при ЗНМ Перо Момировски.
Говорам за федерации коишто со својата моќ ги држат нашите колеги во раце. Станува збор за силни финансии кои ги одржуваат нашите медиуми и тука просторот за што и да, е стеснет. – истакнува тој.
Момировски посочува дека е драматичен падот на активни спортски новинари. Пред само две – три децении беа преку 200, а сега се под сто и таа тенденција продолжува.
На универзитетите и приватните факултети насоките за новинарство се тотално непопуларни, а особено нема желба да се инвестира во спортско новинарство. Пред деценија – две постоеше идеја на Факултетот за физичка култура да се отвори катедра којашто ќе работи само со спортските новинари. Замислете од таа позиција на преминот од едниот во другиот век, сега имаме 7 – 10 души што се пријавуваат воопшто на групите новинарство, дел од нив не размислуваат за спорт. – вели Момировски.
Тој смета дека работите во спортското новинарство се менуваат на полошо не исклучувајќи ја можноста од поостри форми на дејствување за да се зачува дтоостоинството на професијата и да се сврти вниманието на надлежните за проблемите со кои таа се соочува. Еден од нив секако е емитувањето и реемитување на спортски програми од телевизии од соседството без коментар на македонски јазик.
Генерално кај највисоките инстанци во државата постои разбирање за проблемот. Сите велат дека се подготвени да сторат се’, барем што се однесува до настапите на македонските спортисти истите да бидат со македонски коментар. Сите се свесни за модерната хегемонија што се случува со, еве два спортско – медиумски конгломерати кои ги споменавте, меѓутоа во моментов не постои критична маса која ќе застане цврсто и ќе рече не! Во оваа држава повеќе не може да се слуша пренос на спортски натпревар на странски јазик. Може да ни е омилен јазик хрватскиот, српскиот, црногорскиот, словенечкиот, бугарскиот…, меѓутоа држава не може да постои ако вие постојано следите настани на туѓ јазик. Сведочиме на смешни ситуации каде во некаков пренос играат македонски и играч од друга соседна земја. За него ќе чуете секакви детали од кариерата и животот, а нашиот спортист е само уште еден актер на теренот. – посочува искусниот спортски новинар и коментатор Перо Момировски.
Додава дека со секој од тие преноси се испраќа и скриена порака, а последиците можат да бидат далекусежни.
Само ако сакаме да се правиме недоветни тоа нема да го сфатиме. Ако вам до одреден степен ви наметнуваат друга држава, јазик, нација, друг спортски свет, но и начин на живеење, а вие сето тоа го следите и го прифаќате и никој не реагира, тогаш и вие имате вина за тоа што ви се поставуваат прашања за идентитет, говор, јазик. Ова е една од бариерите која не смее така лесно да се мине, кај нас се уште минува и постои. До кога? Искрен да бидам се надевам дека свеста ќе проработи. Законите може да ги штитат странските оператори во моментов, но мора да се изнајде начин, не да им се забрани да работат, напротив, сакаме да работат, меѓутоа да слушеме преноси на македонски јазик, што е елементарно право и потреба. – завршува Момировски.
Горан Момироски