Претпладнево во Охрид министерот за здравство Венко Филипче имаше дискусија со младите здравствени работници.

Ги слушнав нивните предлози и пораки – заеднички го унапредуваме здравствениот систем. Тие се активно вклучени во креирањето на здравствените политики, затоа што само младите знаат што е најдобро за нив. Направивме да се чувствуваат вреднувани и мотивирани. – вели Филипче.

Министерот Филипче истакна дел од реформите кои се однесуваат на младите здравствени работници, но и на стандардот на медицинските лица воопшто.

Со шест месечна платена работа почнаа 130 млади медицински сестри во Службата за патронажна дејност.; Дадовме повеќе од 5000 согласности за вработување. Одобривме 1000 специјализации, за првпат, приватните специјализанти се платени за својот труд. За 40% ги зголемивме платите на лекарите специјалисти, од 20% до 23% на медицинските сестри, општите лекари до 25%. – истакна министерот за здравство.

Филипче потенцира и дека со измените во Законот за здравствена заштита, сменето е времето што специјализантот треба да го одработи во установата по завршувањето на специјализацијата во траење еднакво на должината на траењето на специјализацијата, како и намалување на висината на средствата што треба да ги надомести специјализантот ако предвреме ја напушти установата.

OhridNews