Охриѓанецот Дејан Ангелоски го потврди статусот на најдобар планинарски тркач во Македонија, триумфирајќи на Планинарската трка „Водно-Матка“. Ангелоски со скоро половина час подобро време од минатата година, прв низ целта ја помина делницата долга 42 километри. Охриѓанецот заврши со време од 4 часа, 59 минути и 21 секунда. Второпласиран беше натпреварувачот од Косово, Ерзен Зиберај со време од 5 часа, 7 минути и 23 секунди, а трет заврши Александар Кирковски (5.26.56).
Трката е една од највозбудливите и најинтересните на кои сум учествувал. Почнувајќи од условите, кои беа поларни и патеката на трката која во некои делови беше покриена со снег и лед, а во некои со „кал до колена“. Неизвесноста и борбата помеѓу мене и натпреварувачот од Косово беше речиси до крај. На последното качување направив разлика која ме одведе до победа. Јас сум презадоволен од мојот настап, времето и се останато околу трката, – рече за OhridNews, Ангелоски.
За Ангелоски нема одмор, затоа што следниот викенд на Државното првенство во Скопје ќе се натпреварува во полумаратон (21 километар), а на 11 април ќе учествува на Државното првенство во Вертикален километар на трката Козјак.
OhridNews