Власта уште еднаш го понижи македонскиот народ одрекувајќи се од сопствената химна која не беше интонирана на официјалната средба на премиерите Заев и Ципрас денеска во Скопје, што е преседан во меѓународни рамки и уште еден чин на самоодркување. Ова го истакна професорката Гордана Давкова Силјановска, кандидат за претседател на опозициската коалиција предводена од ВМРО ДПМНЕ, на предизборниот митинг што се одржа вечерва во Струга.

75 години после АСНОМ денеска не ја чувме химната. На химна се плаче, на химна се пее, се стои. Со химна се победува, со химна се радува. Ние ја немавме денеска таа можност барем преку химната да покажеме дека сме нормална, рамноправна држава, оти држава без химна нема важен симбол, химната е Македонија, Македонија е химната. Но, не за нив, да за нас. Нема право на самоопределување без право на свое име, знаме, химна, себеидентефикација, самоидентификација. Само оние кои веруваат дека нешто без корен како Северна Македонија може да опстои не водат сметка за химната. – рече  Давкова – Силјановска.

Потпишувањето договори не значи дека земјата има европски вредности истакна Силјановска. Европа ќе провери дали тука има владеење на правото, има ли просперитетна економија, борба против криминалот и корипцијата, нулта толеранција за непотизмнот. Ништо нема од тоа, додаде таа. Власта сето време го потроши на промена на името, но тоа не е успех туку пораз, додаде Силјановска, најавувајќи дека доколку ја добие довербата од граѓаните како претседател ќе се залага за владеење на правото и вистиски вредности во општеството. Изрази сомневање дека власта подготвува некаква игра за избор на претседател во Собранието. Тоа е лошо за демократијата и затоа народот на претстојните избори ќе направи мудар избор, рече Силјановска.

Пред граѓаните на Струга се обрати и лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој најави дека претстојните претседателски избори ќе бидат почеток на крајот на актуелната власт, што ќе заврши со предвремени парламентарни избори.

Не треба да се откажуваме, туку да застанеме цврсто на нозе и да продолжиме да се бориме, затоа што само тие што се борат победуваат. Тие што седат и набљудуваат и чекаат победата сама да дојде, се лажат. Победата сама нема да дојде. Треба да се соочиме со предизвикот, колку и да е тежок, колку и да изгледа дека е невозможно да се совлада, дека е готово и ништо не можеме да промениме, тоа треба дополнително да не мотивира да се бориме за правда и за Македонија. Честа и достоинството немаат цена. – рече Мицкоски.

Карванот на ВМРО ДПМНЕ денеска ја посети и општина Вевчани.

OhridNews