Охриѓанецот Давид Крстески, член на македонската таеквондо репрезентација освои бронзен медал во спаринг борби, јуниори 16-17 год. – 63 кг, на Европското таеквон-до ИТФ првенство што се одржа во Копер, Словенија од 15 до 22 април.

Давид Крстески е нашиот херој од последното Европско Таеквон-до ИТФ првенство.

Во силна конкуренција, во борбата за медал, Давид Крстески доминантно ги победи претстваниците на Англија и Бугарија, со што се пласира во полуфинале, каде се бореше со вториот претставник на Бугарија. Имаше водство во тек на целата борба, но на 10 секунди од крајот со одлука на судиите нашиот претставник не оствари пласман во финале. Давид Крстески беше пофален од сите што ги гледаа неговите борби и многу од нив кажаа дека во него гледаат иден светски шампион, поради неговата смиренсот, дисциплина и техника, вели Марјанчо Лазаревски од Македонската репрезентација која на првенството учествуваше со шест натпреварувачи, двајца тренери и две официјлани лица.

Христијана Парулеска нашата минатогодишна Европска шампионка ги победи претсавничките на БиХ и Англија, додека во четвртфинале со претставничката од Германија ја загуби борбата поради здравствени причини. Лазаревски посочи дека Елена Јанеска исто како минатата година била сериозно оштетена од судиите, додека Владимир Димитриевиќ и покрај добрата прва борба, бил приморан да го заврши натпреварувањето поради повреда.  Марио Крстески имал извонредна прва рунда против поранешен Евроспки шампион, но недостатокот на искуство го чинел пораз, а Софија Колушоска била совладана од тремата, рече тој.

Како мала репрезентација, сепак сум презадоволен од настапот на нашите репрезентатвици. Ова е петто последователно Европско првенство на М.Т.Т.Ф. од каде во континуитет се враќаме со медал, што не прави една од поуспешните федерации. Затоа користиме прилика да се заблагодариме на генералниот спонзор ”ПН МЕТАЛ” кој е најзаслужен за сите наши успеси, Агенцијата за млади и спорт и Општина Охрид кои несебично го помагаат нашиот спорт, изјави Марјанчо Лазаревски, претседател на М.Т.Т.Ф.

Г.М.