На крајот од месецот истекува  14-дневната вонредна состојба што ја прогласи претседателот на државата Стево Пендаровски, трета од почетокот на пандемијата од Ковид 19, по што согласно Уставот, продолжуваат да течат роковите за одржување на распишаните предвремени парламентарни избори. До тогаш, политичките партии имаат можност да ги усогласат ставовите и да се договорат за заеднички прифатлив датум за избори.

СДСМ се залага за брзи избори. Партијата смета дека избори сега се добро решение, затоа што постојат стравувања од втор бран на вирусот во есен.

Извесен период нашата држава е во крајно комплицирана состојба, со распуштено Собрание и со техничка Влада со мандат за организирање на предвремените избори на 12 април. Затоа, потребни се избори за да се обезбедат целосно функционални институции, но истовремено да се заштити здравјето на граѓаните, особено имајќи ги предвид реалните стравување на релевантните светски здравствени институции за нова можна појава на вирусот наесен. – велат од СДСМ.

СДСМ смета дека изборите треба да се одржат во првиот можен термин, согласно законските можности и согласно состојбата со епидемијата, според препораките на надлежните институции.

Тоа значи дека сите политички субјекти, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски имаат одговорност пред државата и институциите да преземат одговорност и да им овозможат на граѓаните да одлучуваат. Тоа е врвна демократска придобивка. Исплашени од извесниот пораз од граѓаните, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ прават се изборите да не се случат, а државата да западне во сериозна политичка криза која негативно ќе се одрази и врз економијата, но и врз здравјето на граѓаните. – велат од СДСМ.

Во своето гостување во емисијата на тв Клан Дебата“, синоќа, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски потенцираше дека барањата на лидерот на СДСМ Заев кој инсистира на брзи избори создаваат конфузија кај граѓаните.

Вие не можете да барате вонредна состојба 30 дена, а од друга страна да барате избори. Не е чесно, не е во духот човештвото и не е во духот на демократијата. Не можете на тој начин да настапувате пред граѓаните, не сте сериозни, настрана што они може да не обвинат и политиканство да тераат, и стратегија политиканска, ваква или таква, тоа е нивно. Но во очите на граѓаните, чувството кај граѓаните, го гледаат како бара 30 дена вонредна состојба, следната негова изјава избори час посокоро. И веднаш се создава конфузија и тој човек кога ќе се соочи со ваква изјава на полтичар кој што во едниот момент вели дека нешто не е во ред со нашата околина, а од друга страна бара избори, логично е да се создаде одбивност и да рече види ги овие политичарите на сите им е до фотелјите. – рече Мицкоски.

Мицкоски  посочи дека бројот на заразени во земјата се зголемува, а од друга страна се инсистира на избори. Може да замислите тогаш што ќе ни се случи ако има гласање, ќе се отворат штабовите, ќе почне кампања, додаде тој.

Здравјето пред се и тоа е нешто што не се менува, а одлуките ги носиме по мислење на експертите. Не може да имате ограничување на движење два дена, а потоа да велите ајде одиме на избори. – посочи Мицкоски.

Според Мицкоски, доколку веднаш од вонредна состојба се влезе во изборна кампања изборите нема да бидат кредибилни.

Г.М.