Четириесет и тригодишниот Дарко Паскоски од Струга беше најсреќен меѓу големиот број верници што денеска скокнаа во студените води на реката Црн Дрим и го извади светиот крст.
Паскоски, кој традиционално секоја година скока во осветените води на Црн Дрим, по четврти пат го вади светиот крст.
Секоја година за Богојавление скокам по крстот во светите води на реката Црн Дрим. Четврти пат го фаќам и сакам традицијата да продолжи и крстот да влезе во секој дом, истакна Паскоски.
Очекува светиот крст да му донесе среќа и да го освети неговиот дом, како што било и претходните години, кога секое фаќање на крстот носело нешто убаво во неговото семејство.
Очекувам да донесе среќа, да го освети домот. Да се помолиме сите за здравје и спасение. Секоја година си носеше по нешто убаво. Се надевам така ќе биде и годинава, нагласи среќниот фаќач на светиот крст.
Тој беше даруван со пригодни подароци од црквата, кумот на манифестацијата и спонзори.
Чинот на осветување на водите го изврши митрополитот Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски, Тимотеј, кој од Чаршискиот мост во Струга го положи светиот крст во водите на реката Црн Дрим.
На Богојавленската манифестација во Струга покрај големиот број верници присуствуваа и градоначалникот Рамис Мерко и претставници од власта и опозицијата.
OhridNews