Првата група на туристи од Данска, кои годинава ќе одмараат на Oхридската ривиера пристигнаа вчеравечер во Охрид. Гостите од оваа северно-европска земја кои ќе престојуваат во охридскиот хотел „Тино“ беа пречекани со погача, локум и македонска ракија, а беше послужено и охридско ѓомлезе.
Данците видно изненадени од гостопримливиот пречек, рекоа дека за Охрид и Македонија се информирале преку интернет.
-Јас мислам дека е овде многу убаво и од првиот впечаток се надевам дека одморот тука ќе ни биде интересен. Прв пат сум овде, а за Македонија прочитав дека е една нова туристичка авантура, вели туристка од Данска.
Една од нејзините сопатнички рече дека од престојот во Македонија очекува да дознае повеќе детали за овдешната традиција.
-Ова е многу убава земја има многу убава природа. Јас имав информации за Македонија и имав желба да дојдам тука, а кога дознав за овој аранжман одлучив да резервирам, рече нашата соговорничка.
Од охридската туристичката агенција „Вис Пој“, велат дека како ин-каминг туроператор веќе трета година реализираат туристички аранжмани со дански туристи во Македонија.
-Минатата година остваривме околу 3.000 ноќевања на дански туристи, а оваа година очекуваме да оствариме околу 5.000 ноќевања. Дел од групите на дански туристи, во Охрид ќе престојуваат во април, мај и јуни, а останатите во месеците септември и октомври, со што ќе се обезбеди збогатување и проширување на туристичката понуда надвор од летната сезона, вели Јаким Маленко од Туристичката агенција „Вис Пој“.
Тој објаснува дека првата група на Дански туристи во Македонија ќе престојува 22 дена.
-Во нивниот престој во 22 дена имаат 10 ескурзии низ цела Македонија. Тука би ги издвоил Свети Наум, Битола Струга, Вевчани, а исто така ќе има органиизрани тури за Албанија, до Тирана и Поградец како и уште неколку други ескурзии. Во рамки на престојот, данските туристи ќе имаат осум вечери во национални ресторани со типично македонски јадења, но и во делот на хотелската услуга ќе бидат опфатени традицоналната храна и вино, појаснува Маленко.
Тој најави дека освен на долги одмори од 22 дена, годинава во Охрид ќе има и групи со дански туристи кои имаат резервирано и седумдневни аранжмани.
Од претходните искуства, туристите од Данска претежно биле заинтересирани за нашата култура, историските споменици, за природните реткости, а особено за традиционалната македонска храна и македонските вина. Според добрите туристички познавачи, данците се одлични гости и солидни потрошувачи, не се многу пребирливи и сакаат да уживаат во природата и гостопримливоста.
Е.М