Доколку велосипедите се користат во остатокот од светот до степен до кој се користат во Холандија, глобалните емисии на јаглерод би се намалиле за дури 700 милиони тони годишно, покажуваат податоците добиени од една данска студија.

Универзитетот во Јужна Данска го спроведе ова истражување, чии резултати се објавени во научното списание Communications Earth & Environment. Холанѓаните секој ден возат во просек по 2,6 километри. Ако тоа беше случај во остатокот од светот, глобалните емисии на јаглерод би биле намалени за значителен број. Оваа бројка е поголема од онаа на Велика Британија, Канада, Саудиска Арабија и Австралија.

Авторите на студијата заклучија дека поради оваа причина е неопходно да се промовира велосипедизмот. Возењето велосипед е здраво и еколошки поприфатливо. Оние кои одат на работа со велосипед имаат 45 отсто помал ризик да добијат рак и 46 отсто помал ризик од кардиоваскуларни болести.

Според податоците на британската еколошка организација Hubbub, 50 отсто од дневните патувања се пократки од 3,2 километри, што значи дека за нив е многу прифатливо да бидат со велосипед.

Данското истражување, исто така, утврди дека производството на велосипеди е значително зголемено во последните 60 години. Во 2015 година биле произведени 123 милиони велосипеди, додека во 1962 година биле произведени 20,7 милиони велосипеди. Сепак, тоа не значи дека употребата на ова транспортно средство расте во светски рамки. На глобално ниво, стапката на дневно користење велосипед во споредба со другите превозни средства е само пет проценти.

Данска и Холандија се истакнати како добри примери како велосипедот да стане основно превозно средство, пренесува Еуроњуз.

OhridNews