Селекторот на македонската репрезентација и тренерот на сениорската екипа на Металург, Данило Брестовац од трибините будно ги следеше мечевите од завршниот турнир во Младинска конкуренција кој се одржа во Охрид. Титулата ја одбрани Металург совладувајќи го Охрид со 31-30 во финалето, а третата позиција му припадна на тимот на КЛ7 кој славеше со 31-21 против Струга во малото финале.
- Прекрасни два дена во Охрид. Можеби требаше да се испрати повеќе медиумски овој младински турнир, но што е тука е. На теренот преовладуваше фер и коректна атмосфера, на трибините исто така, судењето на ниво. Видовме една ревија на млади ракометари со репрезентивен стаж во кадетска и младинска конкуренција. За иднината на македонскиот ракомет нема потреба да се грижиме, бидејќи од она што го видов стварно има добри момци. Јас сум оптимист, само ме плаши како ќе се развиваат овие млади играчи во клубовите. Низ повеќе собири во младинските конкуренции ќе ја брусиме формата и ќе ги држиме на видик сите ракометари. – изјави Брестовац.
Тој додаде дека на сите ракометари во Македонија им се потребни што повеќе натпревари, а особено во Супер лигата каде младите и постарите ракометари ќе стекнат големо искуство. Брестовац рече дека како селектор ќе поднесе барање до Управниот одбор на РФМ да се вклучат Вардар и Металург во Супер лигата и да смени системот на натпреварување.
– Како селектор сигурно ќе дадам предлог да се зголеми бројот на мечеви во Супер лигата. Замислете пред публика каква што е охридската два пати да гостува Вардар, два пати да гостува Металург и да се одиграат уште 10-15 квалитетни натпревари. Младите играчи ќе го добијат потребното искуство, ќе добијат на популарност и ќе бидат идоли на други дечиња. Вратата во репрезентацијата побрзо ќе им се отвори и најмногу корист ќе има македонскиот ракомет. Не гледам причина да не играат Вардар и Металург во Супер лигата и да го кренат уште повеќе нивото. – истакна селекторот.
Пред завршниот турнирот во Младинската конкуренција во Охрид, Брестовац го објави списокот за сениорската репрезентација. Селекторот го изостави Филип Лазаров, а вклучи играчи од македонската Супер лига.
- Ракометарите кои се најдоа на списокот се со огромен потенцијал. Потенцијалот треба да го потврдат со играта во клубовитe. Aко не играат таму треба веднаш да си побараат друга средина и да играат, бидејќи покрај добриот тренажен процес треба и да играат. На добар пат сме, но мора да напоменам дека треба да бидеме трпеливи. Има многу репрезентации кои поминуваат низ процес на подмладување. За пример ќе ја земам Шведска која последните две-три години не учествуваше на големите собири и кога се појави одиграа на едно квалитетно и високо ниво. Нас ни се потребни многу турнири, а дали ќе успееме да ги исполниме сите замисли ќе видиме. По секоја цена мора да го задржиме континуитетот на учества на ЕП и СП, но не да се бараат олимписки квалификации, бидејќи тие не гарантираат пласман на Олимпијада. – заврши Брестовац.
Македонија во квалификациите за пласман на ЕП ќе се сретне со Исланд на гостински односно на домашен терен. Мечот во Исланд се игра на 10 април, а во Македонија на 14 април.
Михаил Постоловски
Фото: Емил Јовановиќ