Најдобрата машка ракометна селекција на Македонија доби нов селектор, откако Ракометната федерација (РФМ) го промовираше Данило Брестовац. Со назначувањето на Брестовац палката во македонската селекција повторно ќе биде во наш стратег, бидејќи претходните три селектори (Ивица Обрван, Лино Червар и Раул Гонзалес) беа интернационални стручњаци.

43-годишниот стратег на македонската клупа ќе го наследи Раул Гонзалес, кој спогодбено го раскина договорот со РФМ после завршување на Светското првенство во Германија и Данска.

Моменталниот стратег на Металург беше избор на комисијата која одлучуваше за новиот селектор после кандидатурите поднесени до куќата на ракометот.

Новиот селектор сезонава ќе ја заврши на клупата од Металург, а потоа целосно ќе му се посвети на работата во репрезентацијата.

Прв и можеби најзначаен предизвик Брестовац ќе има во двомечот со Исланд во рамките од квалификациите за пласман на ЕП. Мечевите ќе се играат во април.

OhridNews

Фото: Екипа.мк