Британскиот актер Даниел Редклиф, најпознат по улогата на Хари Потер во филмовите за младиот волшебник, која ја толкуваше од „Каменот на мудроста“ во 2001 до „Реликвиите на смртта“ во 2011, доби своја ѕвезда на холивудската патека на славните. Младиот актер, кој на 11 години зчекори во светот на филмот со улогата на бестрашното момче со белег на молња на челото, вели дека е многу среќен што може да се занимава со глума. Изјави дека ако имате прилика да работите во оваа професија, чисто статистички, спаѓате во најсреќните луѓе на планетата. Истакна дека никогаш нема да престане да се чувствува среќен поради тоа.
Откако заврши со снимањето на приказната за Хари Потер, 26-годишниот британец глумеше во неколку филмови како што се „Жена во црно“ и „Рогови“, како и во неколку театарски претстави. Публиката наскоро ќе може да го види и во научнофантастичниот хорор „Виктор Франкенштајн“ кој во кината ќе почне да се прикажува кон крајот на овој месец.