Македонскиот пејач Даниел Кајмакоски е овогодишен добитник на престижната награда на MTV Adria за најдобар изведувач. Најдобриот изведувач во регионот, според мислењето на публиката, освои најголем број гласови во текот на гласањето спроведено изминативе четири недели.

За Кајмакоски ова е прва МTV награда за најдобар изведувач.

– Самата номинација во конкуренција со признати музички имиња, за мене беше огромна чест и признание. Оваа награда за мене е огромно изненадување, а воедно и голема мотивација во понатамошната кариера, изјави Кајмакоски, додавајќи дека им благодари на сите кои гласале за него.

Покрај Кајмакоски, во конкуренција за наградата на MTV Adria за најдобар изведувач беа и 2 Cellos, Марчело, Сашје и Хладно пиво.

Со добивањето на ова признание, Кајмакоски ќе се вклучи со трката за освојување на наградата на МТВ Еurope за најдобра европски изведувач, објави MTV Adria.

Гласањето за оваа награда почнува денеска на сајтот www.mtvema.com и ќе трае до 24 октомври на полноќ. Шестте континентални победници, односно најдобрите изведувачи од Европа, Северна Америка, Латинска Америка, Африка, Австралија и Азија, ќе бидат објавени на 25 октомври на свеченото доделување на МТВ наградите во Милано.

OhridNews

Извор:„МИА“