Деновиве во култниот „Аквариус„ се одржа Хуманитарната изложба на која се собираа средства за лекување на охриѓанката Јана Арсовска.
Публиката имаше можност да ужива во фотографиите од Ема Вељаноска и поезијата од Дамјана Видическа и за истите да дискутира со нивните автори и да ги купува.
-„Јас сум само човек“ или I am Just a Human е нашата прва изложба спој на поезија и фотографии. Идејата за насловот беше стих од песната „Дај ми“ и целиот мотив на овој настан беше изграден врз основа на тоа. Песните и фотографиите се напишани и направени во текот на една година и главна цел ни беше, не само да ги споделиме со вас, туку и да и’ помогнеме на Јана.“ – рече Видическа откако ја прочита нејзината песна и со тоа ја отвори изложбата.
„Уметноста е медиум што има моќ да раскажува приказни и да пренесе некаква порака со која влијае врз општеството и отвора поле за нови дискусии, а тие нели водат до зближување на луѓето.“ – додаде Вељаноска, со што изложбата беше официјално отворена.
Во овој проект на младите Видическа и Вељаноска со донирање нови книги од сопствената продукција се вклучи и НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид.
Беа продадени доста фотографии, песни и книги нашите сограѓани ја покажаа на дело својата хуманост и несебичност. За оние коишто ја пропуштија изложбата и продажбата на книгите а сакаат да ја видат, сликите,песните и книгите се се’ уште изложени во кафулето „Аквариус“ и истите се’ уште можат да се купуваат. Колку повеќе купени слики, песни и книги толку повеќе пари за лекување на нашата Јана.