Снегот во Хрватска предизвика сообраќаен хаос и ја отсече Далмација од остатокот од државата.
Од вчера попладне поради огромното количество снег и силните ветрови нема отворен патен правец од Далмација кон внатрешноста на Хрватска, пренесува порталот Индекс.
Голем број луѓе останаа заглавени во колоните, поради што беа отворени прифатни центри во Грачац, Госпиќ, Обровац и Книн.
На терен се и спасувачите од Хрватската горска служба за спасување кои помагаат во извлекувањето на заглавените во снегот.
Покрај снегот, проблеми на возачите им прави и силниот ветер кој дува со брзина од околу 150 километри на час.
Полицијата апелираше до граѓаните да не тргнуваат на пат без потреба.
Државниот хидрометеоролошки завод на Хрватска за денеска издаде црвено предупредување за Кварнер и подрачјето на Велебитскиот канал.
Подрачјето на Кварнер во првиот дел од денот ќе биде зафатено од многу силно невреме со ветрови со брзина до 130 километри на час. На подрачјето на Велебитскиот канал се очекуваат ветрови со брзина и до 150 километри на час.
OhridNews
Извор/фото: МИА