Честите коментари на охриѓани се дека тоа е логична последица од она што со години му се случува на Охрид. Панаѓурот на градскиот кеј, различната прегласна музика која секоја вечер буквално ечи од секое кафуле, сообраќајниот хаос, лошата услуга во најголемиот број угостителски објекти и гнасните тоалети, очајната инфраструктура, повеќе е од сигурно дека нема да донесат елитни гости во градот.
Минатата година група германски гости, кои по традиција доаѓале и се сместувале на Сараиште, по дводневен престој си отидоа. Изјавија дека и на своите пријатели ќе им укажат да не доаѓаат во Охрид, бидејќи навечер е невозможно да се спие поради прегласна музика. Жалосно е што на Охрид секоја туристичка сезона му се случуваат истите проблеми кои ги бркаат гостите и никој ништо не превзема. Од локалните власти пред секоја сезона се слушаат идентични ветувања- дека конечно ќе се воспостави ред во работите. Резултатите ги нема.
Во Охрид најголем бизнис испадна да градите згради наместо да го развивате туризмот, за жал недостигот на стратешки определби доведуваат до една таква неблагодарна ситуација“, велат стручните лица. Според нив, Охрид го губи сјајот и доколку продолжи со вакво темпо на градење најатрактивните локации ќе станат неатрактивни, предупредуваат тие.
Охрид има можности да развива елитен туризам, но некој конечно треба да реши каков туризам ќе развиваме зошто сега имате ситуација такви вонсериски квалитети да се „нападнати“ од бурек туристи. „Ако сте одлучиле да развивате масовен туризам со голем број луѓе кои ќе трошат малку пари тогаш треба да им кажете на елитните гости да не доаѓаат. Тогаш заборавете ги црквите и манастирите и сета оваа убавина и езерото и згазете со сета сила и одете кон масовен туризам, или дислоцирајте ги сите објекти кои генерираат таква масовна појава, посветете барем еден дел од градот на елитните гости, помалку на број секако, но со многу повеќе пари, многу помал импакт кон природното и културното опкружување, но и подолгорочен одржлив развој“, велат експертите по туризам.