Младинската екипа на РК Охрид ја освои вицешампионската титула во младинска конкуренција, а никој од екипата не се најде на списокот од селекторот Данило Брестовац за Меѓународниот турнир „Бугојно 2019“ во Бугарија. РК Охрид на средбата со медиумите реагираше за списокот и изоставувањето на охридските ракометари.
Секогаш сакам да останам објективен и со ладна глава да го резонирам изборот на ракометари повикани за да настапат за националната селекција, но со последниов список на играчи повикани да настапат за кадетската селкција на турнирот во Бугојно сериозно ме става во мисла дали некој има нешто против РК Охрид. Младинската екипа на РК Охрид беше втора на завршниот турнир викендов и тоа во драматичен финиш загубивме во финалето. Во цела сезона имавме еден пораз и тоа на натпревар без натпреварувачко значење. Селекторот и директорот на репрезентација беа присутни на финалниот турнир и можеа да ги видат квалитетите на сите играчи. И сега при сите овие околности да не повикаш ниту еден играч на РК Охрид сериозно е во најмала рака некоректно. Жалосно е што очигледно овде станува збор за тоа кој има поголема суета, меѓутоа колатерална штета се младите играчи. Денес тоа се од Охрид, утре ќе бидат од РК Струга, задутре од Битола,Прилеп…Ние како клуб ќе се обратиме до матичната федерација на наредната седница да ни дадат едно објаснување директорот и селекторот по кои критериуми се бираат репрезентативците, а ние како клуб уште појако ќе се посветиме на работа со младинските категории. – изјави спортскиот директор на РК Охрид, Горан Недески.
„Гладијаторите“ покрај сребрениот медал освоија три индивидуални награди. Десното крило Наум Костов беше најдобар стрелец, средниот бек Мартин Ивановски и пивотменот Кристијан Димитриески беа дел од идеалниот тим на завршниот турнир, а одличен настап имаше и Даниел Андоноски.
OhridNews