Дали е легално тоа што се наплаќа паркинг позади општинската зграда? Ова прашање го постави  наш сограѓанин на контакт адресата на ohridnews  деновиве.

Тој е еден од многуте кои ги затекнала ситуацијата позади општинската зграда во попладневните и вечерните часови.

Раскажува дека веќе втора недела се наплаќа паркинг на споменатото место. Кога побарав да ми се легитимира лицето кое што ја врши наплатата ми беше одговорено ако не сакаш не мора да се паркираш, се жали нашиот сограѓанин и прашува дали секој може да врзе јаже на некој слободен простор и да си наплаќа за паркирање или конечно ќе се стави ред во оваа област.


див паркинг пред очите на општинарите

За жал изгледа дека нашиот граѓанин е во право, а  посочениот пример кој го забележа и нашиот   фотоапарат е само уште еден доказ кон тоа. Иронијата да биде поголема нелегалниот бизнис се случува пред очите на надлежните во општината кои по се изгледа свесно го толерираат новиот „сопственик“ на паркингот позади административната зграда на локалната самоуправа.

Дозвола за работа „газдата“  нема, ниту Советот донел одлука за комерцијализација на споменатиот простор. Нема одлука ниту за издавање на паркингот под консесија ниту има концесионер кој уредно стопанисува со споменатиот простор. Се работи на ДИВО, се малтретираат граѓани и туристи и се урива имиџот на Охрид. И сето тоа пред очите на инспекциските служби. Има ли ред во оваа држава?

ohridnews