21-ви јуни се одбележува како Ден на Охридското Езеро. Се одбележува веќе 19 години, а манифестацијата наизменично се одржува во трите општини Охрид, Струга и Поградец. Целта е обединување на граѓаните и општините од двете земји заеднички да прославуваат, но и да расправаат за теми од заеднички интерес, меѓу кои најважната е заштитата на езерото што го делат.
На овој ден природно се наметнува и прашањето-колку се грижиме за ова наше најголемо природно богатство, најголемо и најзначајно природно езеро во Македонија, најстаро во Европа, кое во 1980 година, заедно со градот Охрид е прогласено за Светско културно наследство, под заштита на УНЕСКО.
Граѓаните сметаат дека грижата за езерото не е доволна. На анкетата спроведена од OhridNews, од вкупно анкетирани 2.852, 92% од нив, односно 2.628 се изјаснале дека не се води доволно грижа за заштита на Охридското езеро, само 8% односно 224 сметаат дека доволно се прави.
Екологистите и луѓето кои со години се залагаат токму за добриот квалитет на езерската вода, флората и фауната во него, сметаат дека грижата е делумна и дека она што е најалармантно во моментов е санација на амортизираниот колекторски систем, како и решавањето на преголемата урбанизација на крајбрежјето .
- И покрај високиот квалитет на водите во Охридско Езеро (освен притоките Черава и дел од Сатеска) над Езерото висат многу опасности околу неговата идна заштита. Ја детектирам како најголема опасност амортизацијата на колекторскиот систем чија рехабилитација треба да почне буквално-вчера! Институционалната рашомонијада околу надлежностите за заштита и управување со Езерото е исто така негативен момент. И третиот не помалку битен момент е неопходноста од итна де-урбанизација и де-узурпација на крајбрежието. Сето ова, заедно со Планот за управување со сливот и програмата на мерки која ќе ја изработиме до крајот на годинава се предиспозиции за квалитетна заштита. Во спротивно и без почитување стручните препораки ќе ни следи критичен период за заштита и управување на Езерото што ќе се одрази и на квалитетот на водите, а со тоа и на економската иднина во регионот, вели Дејан Пановски координатор на ГЕФ Дримскиот Проект.
Екологистот Ѓоко Зороски од еколошкото друштво „Грашница“ смета дека сеуште недостасуваат капацитети за контрола на недозволените дејствија и активности.
- Тоа ефикасно се решава со употреба на современи системи, како далечинска детекција, видео-надзори и други софистицирани системи, кои ќе им помогнат да надлежните да ги “уловат” пред се рибокрадците, фрлачите на отпад, несовесните кои ја палат трската, оние кои бетонираат на крајбрежниот појас и многу други прекршители. Дотогаш, грижата треба да се огледа во повеќекратно зголемување на државните и општински буџети за инфраструктурни проекти, како изградба на фекална канализација во сите села во сливот, многу повеќе средства да се издвојуваат на научно-истражувачка работа и јакнење на јавната свест. Потребно е да се зајакне и координираноста меѓу надлежните органи од сродните сектори на локално и централно ниво со побрза размена на сознанија и информации, вели Зороски.
Од локалната самоуправа потенцираат дека актуелната власт презема конкрентни чекори во насока на заштита на езерото. Меѓу најважните го наведува формирањето на јавното претпријатие „Колекторски систем“.
- Колекторскиот систем долги години не беше функционален со целиот свој капацитет, а во одредени периоди во годината претставува огромен еколошки проблем за Охридското Езеро. Благодарение на посветеноста на Владата, веќе се преземени конкретни мерки за решавање на ова прашање. Донесена е одлука за формирање на ново Јавно претпријатие „Колекторски систем“, кое ќе ги преземе обврските за одржување, обновување и продолжување на Колекторскиот систем. Со ова конечно го решаваме горливото прашање за заштита на езерото. Заедно со општините Дебрца и Струга започнати се активности и за пренасочување на реката Сатеска во старото корито. Според најавите проектот ќе се реализира со средства од европските фондови. Започната е и постапка за изработка на Студија за валоризација на Студенчишкото блато кое е природен филтер на Охридското Езеро, велат од локалната самоуправа.
Дали за скоро време ќе се решат проблемите со преголемата урбанизација на брегот, преголемиот број пловни објекти, колекторскиот систем, останува времето да покаже. Она што е повеќе од сигурно е дека најголемиот број гости го посетуваат Охрид поради езерото, како автентично и зачувано, а не поради бетонирани плажи, бучава од угостителските објекти на крајбрежјето, пренатрупани плажи со лежалки, бројни глисери. Дали ќе ја зачуваме природната убавина на езерото кое опстојува со векови, зависи од сите нас и нашата свест, дали и понатаму ќе преовладува личниот интерес или конечно до израз ќе дојде општиот.
Т.К.
Следна анкета: Дали верувате дека надлежните ќе се справат со проблемите кои го загрозуваат статусот на Охрид во УНЕСКО?