Заменик претседателот на СРД, Милаим Фетаи вели дека во петок на седница, советот ќе ја разгледува ситуацијата во врска со А1.
„Ние не сме тие што сме виновни за една таква состојба, туку ќе констатираме дали може да опстојува или не. Ако можат економски да се реорганизираат СРД нема причина, нема да се истрчуваме да им ја земеме. Ние не сме цензор, ние не сме тие кои одземаме поради наши желби. Ако реално фактичката состојба на А1 е таква да не е во можност да продолжи така да работи, односно во стечјана постапка не се реорганизираат па настапува процес на ликвидација ние како СРД ќе констатираме таква состојба, тие сами по себе губат дозвола“, изјави Фетаи.
Управата за јавни приходи завчера до Основниот суд Скопје 2 Скопје, достави предлог за отворање стечајна постапка против А1 телевизија. Привремениот стечаен управник на А1 телевизија, Ацо Петров изготвува извештај за економско – финансиската состојба на телевизијата и врз основа на тој извештај, Основниот суд Скопје 2 ќе одлучи дали ќе отвори стечајна постапка за А1.
На 26-ти јули е закажано рочиштето кога судот треба да утврди дали А1 телевизија има услови да оди во стечај или ќе ги подмири нејзините долгови кон доверителите. Инаку телевизија должи вкупно 9,5 милиони евра и овие средства треба да ги подмири до средината на август.
извор: „Макфакс“