Во реванш натпреварот од  1/8 финалето во Купот на Македонија, кој се одигра во Охрид, Металург претрпе пораз од Вардар 2-1, но минималната победа 1-0 на „Железара“ се покажа пресудна за пласман на „зелените“ во најдобрите осум. „Црвено црните“ до победата стигнаа со пресврт уште во првиот дел со головите на Стојков и Адемовиќ додека погодок за Металург го постигна Пеев.

– Натпреварот со Вардар го започнавме добро, успеавме да постигнеме гол и мислевме дека тука ние ја завршивме работата. Противникот брзо се врати резултатски во мечот и ова нека биде поука за нашата млада екипа дека дуелите во Купот на Македонија се играат 180 минути. До крајот на натпреварот двете екипи имавме шанси за погодоци, но резултатот остана ист, но кој и било да пласираше во понатамошната фаза немаше да биде незаслужено – смета стратегот на Металург, Срѓан Захариевски.

Боби Милески, тренерот на Вардар им го честита пласманот во ¼ финалето на Металург и ги пофали своите играчи за желбата и ангажирањето во целиот натпревар.

– Немам што да им замерам на фудбалерите кои играа одлично и се бореа до последниот свиреж на судијата. За три дена по втор пат не успеаваме да искористиме пет, шет чисти прилики за постигнување на погодок што ќе ни го трасираше патот во следната фаза. Им честитам на фудбалерите од Металург за пласманот во следната фаза и им посакувам многу среќа  – потенцираше стратегот на Вардар.

Младата екипа на Металург во вториот дел беше ставена на искушение да ја задржи предноста, покрај налетите на Вардар. Тие во тоа целосно успеаа.

– Многу тежок натпревар, кој го одигравме беспоштедно и со срце. После раниот гол се опуштивме, но Вардар успеа да се врати и мораше во вториот дел да одиграме одбрана на едно високо ниво. Успеавме во тоа го зачувавме својот гол, а најголема заслуга за тоа има голманот Андреја Ефремов, кој брилираше помеѓу стативите – изјави фудбалерот на Металург  Далчески.

Покрај освојувачот на Купот од 2010 година, Металург пласман во ¼ финалето обезбедија Пелистер, Брегалница, Тетекс, Шкендија, Работнички, Напредок и Дрита.

Мх.П.