Во продолжението од сезоната во Првата македонска фудбалска лига Металург игра во најдобра форма. На последните два натпревари “зелените“ забележаа две победи и тоа над Вардар 3-2 и Дрита 2-1, а фудбалерот за врска Александар Далчески смета дека конечно влегуваат во ритамот, кој го посакува тренерот Срѓан Захариевски.


– Последните две пресметки во Првата лига ги одигравме онака како што се договоривме пред почетокот на натпреварите. Со тие шест бодови и киксовите на Хоризонт Турново ни се отвара шансата за втората позиција која води во Лигата на Европа. Против тимот на Пелистер ќе атакуваме на победа и да ја продолжиме победничката серија на третиот натпревар во низа. До крајот на првенството ќе направиме се да дојдеме до тоа место и наредната сезона да ја преставуваме Македонија во фудбалска Европа – потенцираше Далчески.

Во првиот натпревар од третиот круг Металург на домашен терен го пречекува Пелистер, кој минатото коло им “скина“ планирани бодови на второпласираниот Хоризонт Турново.

Мх.П.