Блиската пријателка на семејството на норвешкиот премиер и негова поранешна дадилка Смилја Катиќ, го повикала норвешкиот премиер да не ја признае независноста на Косово, пишува норвешкиот весник „Дагбладет“ во текстот со наслов „Јенс, немој да го признаеш Косово“.
Весникот пренесува дека блиската пријателка на семејството на норвешкиот премиер Јенс Столтенберг вели дека длабоко ќе биде разочарана ако Норвешка ја признае новата европска држава.
„Ќе бидам разочарана ако Јенс и неговата влада го признаат Косово“ изјавила за норвешкиот весник Смилја Катиќ(78), бившата дадилка на сегашниот норвешки премиер. Таа, кога сегашниот норвешки премиер имал две години, била ангажирана како дадилка за трите деца на тогашниот норвешки дипломат во Белград Торвалд Столтенберг, татко на сегашниот премиер.
Светските агенции пренесоа дека норвешкиот министер за надворешни работи Јонас Гар Стоере најави дека неговата земја ќе го признае Косово.
Норвешкиот весник пишува дека целото семејство Столтенберг имало близок однос со Катиќ која била нивна дадилка и куќна помошничка во Србија, а подоцна и во Норвешка, каде се преселила и со нив ги поминала следните 19 години. Самиот Јенс Столтенберг изјавил како новонаименуван премиер на Норвешка во 2000 година, дека нема друга земја во светот кон која, освен Норвешка, чувствува таква припадност како кон Југославија.
„Јенс мора да биде силен и да мисли на нас Србите. Жално е за Србија ова што се случува. Единствени кои мислат на нас се Норвежаните“ со солзи во очите изјавила Смилја Катиќ држејќи ја во рацете фотографијата од семејството Столтенберг.
Јасминка Т. Момироска