Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ изјавил дека не гледа причини за забележки од страна на Македонија во врска со таблите со натписот БЈРМ, поставени на делницата од Коридорот 10, пренесуваат српските медиуми, јавува „Макфакс“.
„Нив сега им смета таблата, а нас не треба да ни смета тоа што во УНЕСКО гласаа за прием на Косово“, рекол Дачиќ, додавајќи дека овие аргументи биле изнесени од страна на српската амбасадорка во Македонија, на состанокот во македонското МНР, каде и бил пренесен демарш поради поставувањето на таблите.
Официјално Скопје својот протест го образложило со тоа што Србија ја има признаено Македонија под уставното име, иако земјата во Обединетите нации (ОН) е примена под името БЈРМ.
Инаку таблите се поставени на делницата кај Владичин Хан, и гласат „автопат Е75 – коридор 10 – Белград – граница со БЈРМ“. Од македонското министерство за надворешни работи соопштиле дека барањето таблата да се отстрани и било пренесено на српската амбасадорка во Скопје, Душанка Дивјак Томиќ. На состанокот со српската амбасадорка исто така од српските власти било побарано таблата да се замени со нова, на која ќе стои уставното име Република Македонија.
„Очекуваме позитивен одговор на нашите колеги во Србија, во духот на добрососедските односи“, порачале од македонското МНР. Српскиот министер за надворешни работи пак, категорично порачал дека таблата со ваквиот натпис останува.
„Крајно време е да престанеме да работиме против сопствените интереси. Точно е дека Србија ја признава Македонија под тоа име, за разлика од европските држави, но тоа беше направено уште под Милошевиќ, во 90-тите години. А Македонија ја призна независноста на Косово, и сега им смета некаков натпис. Несфатливо е дека на нас поголем пријател ни е една Индонезија, отколку некои соседни држави“, истакнал Дачиќ.
Македонија беше помеѓу 92-те земји кои на почетокот на ноември на Генералната конференција во УНЕСКО гласаа за прием на Косово во оваа организација. Дачиќ тогаш изјави дека Белград е „разочаран, но не и изненаден од одлуката на соседот“, нагласувајќи дека „таквиот потег е длабоко против српските национални интереси“.
OhridNews
извор:„Макфакс“