Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, порача дека Србија би можела да ја смени својата позиција за прашањето за името на Македонија, jавува „Макфакс“.

„Ако Македонија навистина гласа за прием на Косово во УНЕСКО, иако е свесна колку тоа ги погодува Србија и српскиот народ, ќе му предложам на претседателот Вучиќ, Србија во однос на името под кое ние ја признавме Македонија, исто така како и оние за Косово во УНЕСКО, да ја има предвид позицијата на Европската Унија“, рече Дачиќ за агенцијата „Танјуг“.

Србија ја призна Македонија под нејзиното уставно име, Република Македонија, а поголемиот дел од земјите на ЕУ како поранешна југословенска Република Македонија.

Дачиќ во изјавата за „Танјуг“ укажува дека најавата на официјално Скопје оти при гласањето за членство на Косов во УНЕСКО ќе го има предвид ставот на мнозинството земји членки на ЕУ е директно спротивен на сите претходни изјави на македонскиот премиер Заев дека Македонија ќе биде воздржана.

Тој посочи дека Заев, освен јавните изјави на оваа тема, ставот за воздржаност го изнел и пред премиерката Брнабиќ во Трст.

Менувањето на ставот, според Дачиќ, директно ќе влијание врз добрососедските односи, кои се цел на Србија, но само врз основа на реципроцитет.

Оваа изјава на „Дачиќ“ доаѓа по повлекувањето на персоналот на амбасадата на Република Србија во Скопје, наводно поради разузнавачко делување против дипломатите.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека вработените од Амбасадата на Србија во Македонија се повлечени на консултации кога од надлежните органи за разузнавање се добиени доволно докази за многу офанзивно разузнавачко дејствување против органите и институциите на Србија.

„Нашите луѓе треба да бидат подготвени и спремни за да знаеме како ќе дејствуваат во новото опкружување што не ни беше познато до пред неколку месеци. Ќе има некои промени во нашиот персонал за да се заштити нашето пријателство со Македонците. Има многу шпекулации и мислам дека во следните 10 дена сè ќе биде многу појасно“, рече Вучиќ. Според него, за таа одлука имало повеќе причини, но надлежните органи го утврдиле ова и му обезбедиле докази. Сепак, претседателот пред новинарите изјави дека Србија ќе продолжи да развива пријателски односи со Македонија.

Ќе чекаме што ќе кажат Албанците за Косово и за УНЕСКО и што ќе каже Скопје за тоа. Наше е да се подготвиме и да можеме да одговориме. Да го заштитиме нашето дејствување од влијанието на надворешните фактори и дејствувања“, рече Вучиќ. На прашањето дали таа надворешна сила е Русија, Вучиќ одговорил дека не помислил на тоа додека зборувал.

Сите вработени во српската амбасада во Скопје беа повлечени минатата ноќ на итни консултации во Белград. Министерството за надворешни работи на Македонија најави претходно дека добило нота од Амбасадата на Србија во Скопје со која биле информирани дека сите вработени биле викнати на консултации во Белград.

OhridNews
извор: „Макфакс“