Во Романија општините со своите градоначалници инвестираат многу во спортот, не само во фудбалот, вели Разван Тунару, генералниот менаџер на екипата што деновиве се подготвуваше во Охрид. Романскиот фудбалски второлигаш Дачија Миовени е хит на подготовките во Охрид. Романците на четирите натпревари што ги одиграа забележаа победи, и тоа против Сартид (2-0), Тетекс (2-0), Охрид (2-1), а во последниот натпревар го совладаа македонскиот есенски првак Ренова со 4-1.


Генералниот менаџер на екипата Разван Тунару проговори за импресиите од Охрид, очекувањата на второлигашот во продолжението на сезоната, како и за паралелата помеѓу македонскиот и романскиот фудбал.

– Првпат сме во Охрид и презадоволни сме од она што го видовме. Пријатно сме изненадени од гостопримството и од климатските услови во Охрид. Одлично бевме примени во хотелот „Славија Спектар“ и во ЈП „Билјанини извори“, каде што наидовме на одлична соработка во поглед на користење на терените и во поглед на одигрување на натпреварите – вели тој.


Во Охрид тимот имаше одлични можности за уигрување на екипата, а најголем акцент стави на техничко-тактичкиот дел.

– Одигравме четири натпревари, на кои можевме да провериме до каде сме. Искрено, не очекував да играме против лидерот во македонското првенствово, а уште помалку и да победиме во мечот со нив. Од она што го забележав, можам да сугерирам дека на Охрид му требаат повеќе терени, а за овој зимски период потребно е да се размислува и за терени со вештачка трева. Доколку се обезбедат тие услови и се подобри инфраструктурата, многу повеќе екипи од Романија ќе доаѓаат на подготовки во Охрид, особено во текот на зимата – рече Тунару.


Еден од водечките луѓе на ФК Дачија смета дека романското првенство во моментов е многу посилно од македонскиот шампионат.

– Причината за тоа е што во нашето првенство инвестициите се многу поголеми. Општините со своите градоначалници инвестираат многу во спортот, не само во фудбалот, па 90 отсто од инвестициите во клубот се на градот. Таквите инвестиции носат и некаква обврска, но голема е желбата на клубовите да играат во некој од европските купови – објаснува генералниот менаџер на екипата.


Неколку македонски фудбалери играат во романското првенство.

– На натпреварите што ги одигравме во Охрид имавме можност на дело да видиме дел од македонските фудбалери. Во нашиот шампионат има повеќе екипи што се тркаат за место во куповите на УЕФА и доста се вложува во фудбалот. Вратите се отворени за сите играчи што се квалитетни и не правиме разлика дали тоа се Македонци, Срби или Романци. Сé додека фудбалерите се квалитетни и се професионалци има место во романскиот фудбал за нив. Ние имаме свои скаути што ги следат играчите низ Европа – изјави Тунару.


Клупскиот фудбал во Романија бележи напредок, но пад има кај националниот состав.

– Клубовите бележат нагорна линија поради сé поголемите инвестиции во фудбалот, потоа во романските клубови надојдоа млади талентирани тренери, кои претходно беа одлични играчи, како Дан Петреску (Униреа), Виорел Молдован (ФК Брашов), Маријан Пана (Дачија). Тие внесоа поголем дух и ентузијазам и желба за работа и докажување, по што евидентни беа нивните резултати. Наспроти клупскиот напредок, нашата репрезентација е во стагнација. Имаме големи фудбалски имиња, како Муту, Киву и Лобонт, но тие никако не успеваат да ја пренесат играта од нивните клубови во националниот состав. Според мене, селекцијата на играчите беше погрешна. Но, реално, овој состав на Романија е за две класи послаб од оној што го предводеше популарниот Горге Хаџи, попознат како Марадона од Карпатите – вели Разван Тунару.

Буџетите на романските клубови се 10-12 милиони евра

– Позитивно е тоа што се инвестира во фудбалот, но ние во Романија не сме во можност да доведеме играчи од европски калибар. Нормално дека во голема мера сé зависи од буџетот на екипите. Прволигашките екипи во Романија имаат буџет од 10 до 12 милиони евра годишно, но тоа ни од далеку не е доволно да се споредиме со клубови во Европа. Но и со овој буџет покажавме дека може да се носиме со екипите во Купот на УЕФА и во Лигата на шампионите. Чекор по чекор се обидуваме да бидеме поблиску до европскиот фудбалски крем. Најголемиот трансфер што го направиле клубовите е до 1,5 милион евра, додека годишната плата на поскапите фудбалери во Романија е до 400 илјади евра – вели генералниот менаџер на ФК Дачија, Разван Тунару.

Фото : Емилио
Мирко Постоловски