Тренерскиот тандем Илија Темелковски – Ѕвонко Шундовски останува на кормилото на машката сениорска репрезентација на Македонија. По објавениот конкурс за избор на селектори, ова е предлогот на Комисијата на Ракометната федерација на Македонија, што ќе биде дадена до УО на РФМ. Темелковски би требало да остане селектор, а Шундовски негов помошник. Тренерот на Пелистер ќе остане да ја води младинската репрезентација. Тандемот Темелковски-Шундовски и досега беше дел од сениорската машка репрезентација. Изборија место во баражот за СП 2009, во кој во јуни ќе играме со Исланд.
По пат на нов конкурс ќе се бара нов селектор за жените, зашто Комисијата не ги прифати условите, побарани од Љубомир Савевски, досегашниот селектор и единствен пријавен на конкурсот. Љубомир Савевски ја предводеше сениорската репрезентација на СП во Франција, со која го освои 12. место, што беше оценето како голем успех.
Во програмата што Савевски ја упатил до РФМ, пријавувајќи се за конкурсот за селектор, побарал едно евро повеќе од она што го имал неговиот претходник, Драган Нишевиќ. Меѓу другото, побарал и стручен штаб во кој ќе има шест члена – кондициски тренер, лекар, физиотерапевт, психолог, физиолог и нутриционист, со цел да може добро да се подготват. Според шпекулациите сегашната плата на Савевски е трипати помала од онаа на Нишевиќ.
ohridnews.com