Сѐ повеќе жени, особено во САД, најавуваат дека во рамките на породилното искуство ќе ја изедат плацентата очекувајќи од тоа полза за здравјето, како спречување или намалување на постпородилната депресија, пренесува „Макфакс“.

Ова го тврди во својата анализа американскиот бихејворист и професор по психологија на Универзитетот Бафало, Марк Кристал, што ја објави во вторникот американскиот портал Huffington Post.

Станува збор за плацентофлагијата, постапка во која мајката во текот на породувањето ја јаде плацентата, течностите и ткивото коишто ќе излезат со детето. Таквото однесување е карактеристично меѓу нехуманите цицачи, освен кај китовите и делфините, но е речиси непознато меѓу луѓето, во која и да е култура и цивилизација што постоеле до сега. Повремено се јавуваат поединци или групи коишто го прават тоа, но станува збор за исклучоци коишто го потврдуваат правилото.

Човечките култури отсекогаш имале силна одбојност кон плацентофагијата, а некои дури и диркетно ја забранувале. Забележен е меѓутоа хир кај некои хипи заедници, опседнати со природата, коишто наводно би зготвиле некоја плацента, пишува меѓу другото Кристал.

Денес на сцена е нов хир околу плацентофагијата. Жените, коишто ги поттикнуваат бабици и патронажни сестри, со помош на непроверени информации од интернет, се одлучуваат да ја проголтаат плацентата при породувањето. Ја јадат сирова, зготвена, измешана во напиток или сушена и ставена во капсули. За да ги спречат или намалат негативните последици од породувањето, како што е на пример постпородилната депресија, недостигот од млеко или хормоналното пореметување.

За жал, нема ниеден доказ дека плацентофагијата кај луѓето, медицински или физиолошки олеснува некој од тие проблеми. Меѓутоа, на интернет страниците некои лица како бабци или оние коишто ја продаваат плацентата во капсули, често тврдат дека плацентофагијата при породувањето е полезна, бидејќи сувата плацента, на пример, со векови се користи во кинеската традиционална медицина во лекувањето со тревки. Меѓутоа вистина е дека Зи Хе Че, како што се вика на кинески јазик, се применува ретко во лечење на разни заболувања, од импотентност и неплодност до хронично кашлање. Нејзиниот засебен ефект не е возможно да се провери, пред сѐ, поради тоа што секогаш е измешана со многу тревки и други древни лекови и препарати, а ниедно научно истражување не покажува дека има каков и да е ефект.

Исти лековити својстава може да ѝ се припишат како и на постапките, како на пример, на лечење канцер со осило или со оклоп на желка, со кинески печурки за ADD/ADHD или бисери, рог од антилопа или глисти за епилепсија, пишува Кристал.

Кај животните, за разлика од луѓето, ползата од плацентофагијата е повеќекратно документирана и во прв ред се однесува на ублажување на болката додека траат трудовите и породувањето, а помага и при моменталното создавање мајчински инстинкти при породувањето преку плацентата којашто е поврзана со младенчето.

Кај жените тоа не е така, а урбаните легенди, анегдотите и свдоштвата зборуваат за позитивните резултати од јадењето на плацентата, независно од начинот на нејзиното приготвување, моментот на јадењето во однос на породувањето или изеденото количество. Се чини дека единствено е важно тоа што мајката очекува дека јадењето на плацентата ќе биде ефиканско пред да го стори тоа.

Тоа е класичната формула на плацебо ефектот – подобрување на здравствената ситуација врз основа на очекуваното, а не врз база на фармаколошките механизми.

Иако човековата плацента содржи иста аналгетска компонентна како и кај другите видови, сѐ уште не се знае дали таа компонента, или некои други, имаат каков и да е ефект врз човековите проблеми.

Научниците сметаат дека плацебото не е нужно лошо и дека може да биде полезно под услов со неговото користење да не се одложува или заменува неопходната и проверена медицинска помош. Така, вели Кристал, треба да се однесува и кон плацентофагијата и нејзината можна штетност за здравјето на луѓето.

Фактот дека плацентофагијата меѓу луѓето е речиси незабележана појава, дијаметрално спротивно од практиката на другите цицачи, мора сериозно да се разгледа, упатува авторот на статијата. Таквиот остар контраст остава отворена можност дека јадењето на плацентата на луѓето значително им наштетува или со текот на еволуцијата се покажало дека не им одговара на луѓето.

Плацентата може да биде заразена со микроорганизми, може да содржи отровни материи од крвта или дури може да има и негативни имунолошки последици за мајката, вели професорот Кристал предупредувајќи дека дури и мала грешка во прилагодувањето може да има еволуциско значење по стотици или илјадници генерации.

Додека не се утврдат можните ползи од јадењето на плацентата и додека не се спроведат научни истражувања за ефектот што тоа го има врз луѓето, а имајќи предвид дека не е изрично забранета, плацентофагијата, за несреќа, како што вели Кристал, ќе остане „работа на личниот вкус“.

Можеби својот однос кон оваа тема американскиот професор најдобро ја изразува со реченицата „еднаш ќе се најде некој кој ќе ги направи и најнезамисливите нешта, а ќе наидеме и на вест – човек изеде авион“.

OhridNews
извор:„Макфакс“