Синоќа во предворјето на основното училиште „Св. Климент Охридски” се одигра премиерата на претставата „Хамлет во пикантен сос”, а во изведба на театар Комедија од Скопје.
Дејствието е сместено во кујната на дворецот Елсинор во Данска каде што е зготвена и духовито зачинета фабулата на Шекспировиот Хамлет. Токму од таму произлегуваат сите згоди и незгоди во дворецот.
Атанас Атанасовски кој го толкува ликот на Хамлет вели дека му претставува особено задоволство што настапуваат премиерно на Охридско лето и како ансамбл и како претстава.
„Во целиот процес на работа и градење на ликот особено ми се допадна нашата слобода како актери. Ние можевме да и предложуваме најразлични идеи на режисерката и низ нашите дискусии дојдовме до заклучок дека Хамлет е рок ѕвезда во светската драматургија. Токму затоа ликот беше таков како што и имавте можност да го видите, неговиот изглед, движења, говор на тело и се преостанато потекнува токму од таа наша замисла за ликот. Тоа е едно мое видување за Хамлет, а може да се протолкува и како постмодерна верзија на принцот.“-рече Атанасовски.
За култната дилема да се биде или не, Атанасовски со одговор: „Не постои решение на оваа дилема и без неа , Хамлет не би бил интересен и не би бил тоа што е, култен лик и предизвик за секој режисер. Инаку од репликите на Хамплет мене лично најмногу ми се допаѓа репликата „Се друго е молк“, додаде Атанасовски.
Јелена Жугиќ која ја толкува кралицата во претставата вели дека и се допаѓа целокупната соработка со ансамблот, нивната комуникација и разбирање.
„Едноставно на прв поглед е очигледно дали тимот функционира или не. Од аспект на мојата улога морам да кажам дека пробите беа феноменални, но најпрво сакам да нагласам дека за мене актерот не е актер сам за себе, туку тој игра за партнерот. Токму затоа сметам дека тимската работа е клучот на успехот за една претстава, а овој театар е препознатлив токму по тоа. Инаку како група доста посветено работевме на пробите и се трудевме да екпериментираме со се, почнувајќи од звукот кој го произведуваат тенџерињата и лажиците во кујната до интересните и по малку чудни лузни на глумците.“ – додаде Жугиќ, директорка на театарот Комедија.
Исполнетоста на гледалиштето зборува за преголемиот интерес за претставата. Публиката со пофални коментари и суперлативи за премиерата. Посетителите два часа уживаа во интересните сплетки во кујната, досетливоста на режиерката и екпериментирањето со изразот, ласцивниот речник на актерите кои успеаа да воспостават синергија со публиката од сите возрасти.
„Многу сум задоволна од премиерата. Совршен спој на музиката, глумата и костимографијата.”
„Феноменална изведба. Ги потврди сите мои очекувања. Одлична актерска екипа која навистина го даде најдоброто од себе. Се надеваме дека пак ке ви видиме дали на Охридско лето или во друга прилика“.
„Одличен амбиент и инзвондредна режија. Уживав комплетно речиси цели два часа во претставава и многу ми се допадна режисерската перспектива, како е доловена култната трагедија Хамлет на комичен начин.“ – велат посетителите од различни возрасни генерации.
Од каде идејата за ,,Хамлет во Пикантен сос”?
„Долго време истражував и особено го сакам авторот на самиот текст, Алдо Николај. Инаку токму во кујната е сместена фабулативната нишка и мислам дека тоа е она што ја допре најмногу публиката, таа перспектива на видување на Хамлет во една нова верзија од друг агол. Можеби многумина ќе си помислат дека претставата е некаква пародија на оригиналното дело од Шекспир или некаква критика, напротив можам да кажам дека целосно го поддржува и го следи. Јас ги извлеков речиси сите главни нишки од оригиналот, само ги поставив на поинаква основа и мислам дека го постигнав посакуваниот ефект. Иако на крајот завршува како трагедија, сепак во ,,карневалската книжевност” од која потекнува текстот смртта не се доживува како крај, туку како еден вид обнова. Во секој случај, Хамлет е сон на секој автор и мило ми е што мене ми се оствари”– изјави режисерката на претставата , Александра Кардалевска.