Синоќа, во преполнетата Летна бавча на НУ Центар за култура „Браќа Миладиновци“, беа промовирани собраните дела на Димитрие Дурацовски, во издание на Темплум.
Во овие летни квечерини, тоа беше едно силно охрабрување, дека и во Струга и Охрид, има бројни патници и за “вагонот” што се вика убава литература, а не само за високите децибели на разните Северини, Лукаси, Цеци…
Убавиот настан се одржа во рамки на овогодинешното, шесто, издание на Фестивалот за процесирање култура “ДримON” во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.
За четирите дела на Дурацоски, зборуваа: приредувачот на избраните дела на Дурацоски, Живко Георгиески, со видео порака – Елизабета Шелева, а со пригодемн текст – Оливера Ќорвезироска.
Тихиот и скромен Дурацоски, кажа само: “да сте здрави и живи, да се гледаме по струшките сокаци”.
– Наместо самозаљубениот субјект на модерната проза, нараторот настапува со еден апартен тон, во духот на смелата борхеовска пародија со идентитетите, незамислива за модерниот автор. Романот “Инсомнија” од Димитрие Дурацовски, заради неговата апартност, која, впрочем се однесува и на самиот негов автор, и која е доволно интригантен повод за една поинаква интерпретација на нашата современа литература и литературен живот – порача Шелева.
Опишувајќи го Дурацоски, Шелева го цитираше неговото писмо: “Замелушен и заскитан минувам низ безбропјни светови, без јасно чувство на просторна припадност.Обележан сум со прашањето каде се наогам и којхаличност ја живеам”.
За просторната припадност на Дурацоски, за тоа дека и во една мала средина може да се биде голем, дека и градот на двете води може да биде доволен простор за најголемите пливачи во современата светска литература, говореа и другите промотори.
– Кога и да помислам на која било од овие книги, мислам на едно мешано, збунувачко, разнородно книжевно писмо напишано со две, сосем различни раце (машка и женска; ирационална и сентиментална; сликарско-струшка и битпазарско-скопска; светскотажна и срцетажна…) кое речиси сосила ме извлекува од стиховите и ме фрла во долгите редови преполни со „истото“ што ме врзува и за поезијата – напомена Оливера Ќорвезироска.
За Ќорвезироска, Дурацоски е последниот и вистински постмодернист во земјава и во јазиков.
– Единствениот наслов што претрпел измени во ова тритомно реиздание на “Темплум“ на делата на Димитрие Дурацовски е Insomnia. Освен индексот, нов е и предговорот 16 години по првата објава на романот, а сепак во совршена врска со творечката постапка во него, но и во делото на авторот, воопшто. Имено, Дурацовски како предговор го презел предговорот на Марко Ристиќ за реобјавата на неговата книга „Без мера“ по 33 години. Точката на Дурацовски во современата македонска книжевност е совршен круг. Постмодернистички, јасен, прецизен, исцртан со старовремски „шестар“ кој и не е алатка ниту за сликар, ниту за писател. Дурацовски несомнено слика со четка, но честопати помислувам дека пишува со шестар. Со прецизна верност кон она што го интересира – потенцираше Ќорвезироска.
Издавачот, Никола Гелевски од “Темплум“, се определи, наместо за авторот, да говори за читателот, персонфикувајќи го во личноста на еден од присутните, за кого кажа дека во него лежи заслугата што ова издание го видело светлото на денот.
Самиот Гелевски, за таквото “похвално слово”, барем пет пати, и се извини на публиката, за да продолжи со хвалоспевите во истиот тон и ритам.
текст и фото: Веле Митаноски