Сеуште е активен пожарот на Галичица и потребна е да се продолжи со дејствување на воздухопловите исто како и денес велат надлежните. Посочуваат дека сите доброволци кои се на терен даваат максимум од себе, но се ќе е залудно ако не се продолжи со воздушна поддршка.

Воедно апелираат да не се шират погрешни информации и паника кај народот ни во Љубаништа, ни во Трпејца дека пожарот може да ги зафати населените места бидејќи истиот е доста далеку од истите.

Првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов попладнево посочи дека во текот на денешниот ден на овој пожар работат 120 лица, почнувајќи од ренџерите на НП Галичица, Планинската спасителна служба од Охрид, друг тип на доброволци, пожарникари, вработени во Дирекцијата за заштита и спасување…

Вкупно 120 лица се обидуваат да го совладаат овој пожар кој се протега од двете страни на планината Галичица и од страната на Преспанско и од страната на Охридско Езеро. Карактеристично за овој пожар е што има многу неексплодирани минско експлозивни средства. Повеќе од 100 експлозии се слушнале овие денови додека гори пожарот. Тие дополнително го отежнуваат гасењето особено во високите места поради што и тактиката беше да се почека пожарот да се спушти пониско, посочи Ангелов.

Ѓуро Јовчески, координатор на противпожарна заштита на НП Галичица, истакна дека во текот на денешниот ден е осигурана источната страница в долж Преспанското Езеро каде што пожарот беше навлезен во чамот и во буката.

Се прават појаси интензивно со машини. 40 луѓе се на позиција од раните утрински часови, масовна бројка бидејки е нова техника со гасење во високостеблеста шума. Овде беше многу опасно бидејки беше нискостеблеста шума, грмушка и трева. На најсеверозападната точка кај „Зли дол“ над куќата на Црвен крст постоеше закана да изгори куќата, меѓутоа се работеше деноноќно и куќата е безбедна, како и патот. Работиме да го осигураме уште западниот дел и сметам дека пожарот ќе намалува во својата кулминација. Значи да бидат спокојни луѓето се безбедни, да не се шири паника. Ние ова го сметаме како повик не како наша должност, да ја заштитиме природата и најмногу човечките животи. Нема опасност по човечки животи, но бараме измени во законот да има ригорозни казни за сите оние кои го прават ова на нашата татковина, вели Јовчески.

Инаку, пожарот на Галичица избувна пред неколку дена од албанска страна и навлезе на македонска територија.

Н.С.Ј.