Верувам дека ќе се преземат конкретни чекори со цел да не се повторат вакви случаи на вакцинирање надвор од протоколот, изјави денеска во Пробиштип премиерот Зоран Заев, во врска со случајот на вакцинирање на организацискиот секретар во Општата болница во Охрид.
Вчера се објави осуда од страна на министерот за здравство Венко Филипче за случајот што се појави во Охрид. Се работи за секретарот на болницата кој веројатно заедно со директорот во Ковид центарот во Охрид е постојано во комуникација, а прекршокот е веројатно во тоа што е надвор од планот за вакцинација. Верувам дека ќе се преземат конкретни чекори, со цел да не се повторат вакви случаи, и да се оди строго по протоколот што е јавно објавен од Министерството за здравство, а тоа се прво здравствените работници во ковид центрите, па после хронично болните…, рече Заев.
Според него, важно е да се научи на ред и поредок, бидејќи планот за вакцинирање е прецизно направен, и вели, ако еден ако тргне да го крши планот, тоа можат да го сторат сите во државата.
Директорот на Општата болница во Охрид Горан Балевски признава дека имало пропуст во списокот лица вакцинирани против Ковид-19, но сепак смета оти се работи за изолиран случај, конкретно за лице активно вклучено во секојдневните активности за спречување на ширењето на заразата.
Балевски во изјава за МИА рече дека од Министерството за здравство им било дадено овластување сами да ги прават списоците за вакцинација, здравствените работници сами да се пријавуваат за вакцинирање, со напомена дека сепак приоритет има медицинскиот персонал.
Овде не се работи за лице од медицинската служба, станува збор за организациски секретар во болницата, но лице што е активно вклучено во сите активности поврзани и со епидемијата. Ние имаме служби што не се медицински во болницата, а во овие услови се исклучително потребни за секојдневното работење на установата, некои технички служби се дури и неопходни за нормално функционирање на болницата во вакви ненормални услови, вели Балевски.
Тој уште појасни дека лицето се пријавило за вакцинирање откако од списокот првопријавени испаднале неколку здравствени работници кај кои имало регистрирани антитела односно биле позитивни на Ковид-19.
Министерот за здравство Венко Филипче синоќа ја осуди злоупотребата и прекршувањето на приориртетите за вакцинирање согласно Националниот план за вакцинација.
Во соопштението на Министерството за здравство од синоќа, се посочува дека ниту едно лице кое не се наоѓа во групата која во моментов има приоритет за вакцинирање, а тоа се само здравствените работници кои работат во ковид-центрите и со ковид-пациенти не смее да се вакцинира. – Листите за вакцинација беа доставени од страна на директорите на секоја здравствена институција и истите уште утре веднаш ќе бидат ревидирани, а оние кои направиле злоупотреби ќе бидат соодветно санкционирани, ја пренесе МЗ изјавата на министерот Филипче.
OhridNews