– Мислам дека е премногу рано на 40 дена од бродската несреќа да се постави споменик за жртвите од немилиот настан и би било многу посоодветно тоа да се направи на одбележувањето на годишнината од потонувањето на бродот „Илинден“, истакна на средбата со претставниците на здружението „5-ти Септември“, градоначалникот Петрески.
Тој рече дека треба добро да се размисли и за тоа каков ќе биде споменикот и каде тој ќе се постави.
– Треба добро да се осмисли сето тоа, бидејќи несоодветно е да се постави споменикот на плажа или на пристаништето како што имаше некои предлози. Можеби најдобро решение ќе биде спомен обележјето да се постави на пловак во езерото, но за сето тоа треба добро да се размисли, рече Петрески.
На средбата на претставници на општината и Владата со членовите на здружението „5-ти Септември“ стана збор и за организација на поменот што по повод 40 дена од трагедијата кај Елешец ќе се одржи на 17-ти октомври во катедралната црква Св. Софија. Општината најави дека ќе обезбеди сместување за членовите на семејствата на загинатите бугарски туристи кои ќе допатуваат во Охрид, а своја помош понуди и Владата.