Со вооружениот отпор против фашизмот и Народно ослободителната војна македонскиот народ го исполни вековниот идеал за слобода и формирање на сопствена држава, но таа желба на македонскиот народ немаше да се исполни да не беше придонесот на сите етнички заедници што живеат на територијата на Македонија, беше истакнато на одбележувањето на 66 годишнината од формирањето на Првата македонска пролетерска народноослободителна ударна бригада, што денеска се одржа во струшкото село Локов.


На свеченоста присуствуваа претставнцици на Сојузот на борците на Македонија, преживеани борци и почитувачи на традицијата, министертот за одбрана Зоран Коњаноски, градоначалници, претставници на политички партии и граѓани. Говорејќи пред присутните, генералот во пензија и претседател на Сојузот на борците, Тодор Атанасовски истакна дека НОВ, беше мултиетничка војна.

-И денес Македонија ништо за себе не може да постигне ако не се сплотени сите народи кои живеат во овааа држава, рече генералот Атанасовски.


Пред присутните се обрати и министерот за одбрана Зоран Коњаноски кој истакна дека Македонија денес ги живее придобивките од НОВ, но и дека е исправена пред нови предизвици.

-Државните и национални интереси се тие на кои треба сите ние да се подредиме. Денес водиме битка за успешна, просперитетна и европска Македонија, рече Коњаноски, додавајќи дека ЕУ и НАТО се единствена алтернатива на земјата.


Собирот го поздрави и градоначалникот на Струга Рамиз Мерко,  а меѓу присутните беа и градоначалниците на Охрид, Дебрца, Карпош и Куманово, како и претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски. Тој во изјава дадена за медиумите истакна дека периодот на НОВ е најсветлиот во историјата на македонскиот народ и секој обид да се направи ревизија или тој да се стави во сенка претставува директен атак врз нашиот идентитет. Според Црвенковски историските датуми и обележја од НОВ треба да се одбележуваат и чуваат, а не да се забораваат затоа што тие се потсетник на времето кога се удрени темелите на македонската држава.

-Не може во овој период да се градат стотици нови споменици, а во исто време оние што одамна се изградени и посветени на хероите на НОВ да се запоставени и руинирани. Тоа е неодговорен однос.-рече Црвенковски.


Одбележувањето на 66 годишнината од формирањето на Првата македонска пролетерска народноослободителна ударна бригада, заврши со собир и ручек во месната црква.

OhridNews