Треба да бидеме внимателни, да поимаме дека британскиот сој циркулира кај нас, дека поради неговите веќе откриени особености најверојатно ќе стане се подоминантен и да бидеме во постојан мониторинг со воведување нови методологии. Се надевам дека многу лесно ќе биде да се имплементираат вакви методологии и во другите лаборатории. Потребна е само меѓусебна комуникација меѓу лабораториите со сите релевантни институции за методологија која ги селектира тие суспектни изолати за новиот британски сој кои би се детектирале со таков пристап.

Ова денеска го изјави д-р Горан Кунгуловски од Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина при Клиниката „Жан Митрев“, кој рече дека препораката од СЗО и Европскиот центар за контрола на заразни болести е барем пет отсто од сите позитивни изолати да се секвенционираат со цел утврдување на промената на соевите, а тоа ќе биде релевантно за самите стратегии за сузбивање на пандемијата, на пример дали ќе треба да се преземат порестриктивни мерки, бидејќи многу полесно се пренесува, дали ќе има влијание врз ефикасноста на вакцините.

За неколку месеци овој британски сој, бидејќи многу полесно се пренесува од претходните соеви, ќе стане доминантен и во државава и во многу земји. Овој вирус еволуира многу побавно и најверојатно нема да има потреба од сезонска вакцина. Се смета дека се пренесува за 70 отсто побрзо од претходните соеви, односно доколку требало да се заразат десет луѓе ќе се заразат 17 луѓе. Иницијално излегоа податоци дека нема влијание врз смртните исходи, но сега излегуваат податоци за кои треба да се направат и подетални студии, не сакаме да креваме паника, има некои индикатори дека благо е зголемена и смртноста за 30 отсто. Но, за тоа да стане факт треба подетални студии кои ќе бидат рецензирани од експерти за да се излезе со таа информација, посочи д-р Кунгуловски.

Тој рече дека засега податоците покажуваат оти новите соеви немаат поголемо влијание врз ефикасноста на вакцините, барем на RNK вакцините. Затоа, појасни, треба да бидеме во еден постојан мониторинг и во една постојана фаза на внимателност.

Сега би оделе со поинаков пристап кога би секвенционирале, би оделе на попроизволно тестирање, бидејќи сега сакаме да знаеме процентуално колку од тие пациенти се носители на британскиот сој, а не селектирано, не таргетирано, а колку на другите соеви и тоа во единица на време во наредните неколку месеци да следиме дали таа превеленца се менува или не односно дали британскиот сој станува доминантен или не. Досега се детектирани илјадници мутации во коронавирусот и најголем дел од нив се неутрални и немаат никаков ефект, некои го ослабуваат некои ги менуваат неговите особености, рече д-р Кунгуловски.

Во врска со детектираната мутација на британскиот сој на вирусот Ковид-19 кај 46-годишен маж кој веќе е оздравен, а за која вчера информираа од Клиниката „Жан Митрев“, рече дека морало да има некаков контакт за да се пренесе вирусот.

Дали пациентот знаел за тој контакт или незнаел тоа останува на епидемиолозите да го утврдат, но многу е поимливо дека од некаде се заразил, дали е донесено преку патување во странство, дали при контакти со луѓе кои биле во странство или вирусот циркулирал недела две три претходно тоа не знаеме, бидејќи немаме доволно податоци. Според сознанијата пациентот бил со средна слика, тој е оздравен без никакви проблеми засега, тоа е добар знак, но тоа е еден индивидуелане пациент. Ни требаат податоци за стотици или илјадници пациенти позитивни за новиот и за старите соеви за да направиме релевантна споредба на тие податоци и да излеземе со поверодостојни тврдења, рече д-р Кунгуловски.

Според информациите, посочи тој, вакцините функционираат доволно добро и кон новите соеви на вирусот. Додаде дека при студиите се утврдило дека вакцините кои се неверојатно добри ги поминале сите фази на студии, имаат солидна ефикасност и ја неутрализираат појавата на сериозна болест при инфекција со коронавирусот.

OhridNews