Докторот специјалист по интерна медицина и актуелен вршител на должност градоначалник, Константин Георгиески, е предлог за кандидат за градоначалник на Општина Охрид на раководството на владејачката СДСМ. Информацијата за OhridNews ја потврди Константин Георгиески.

Согласно статутот и правилниците на партијата, предлогот на раководството, треба да биде потврден на конвенција на општинската организација на СДСМ, која ќе се одржи деновиве.

Покрај Георгиески, во потесниот избор за кандидат за градоначалник од редовите на владејачката партија, беа уште и претседателката на градскиот совет Живка Ангелоска, претседателот на охридскиот огранок на СДСМ Лазе Танески и бизнисменот и долгогодишен член на партијата Науме Јованоски.

Предвремените локални избори за градоначалник во Охрид, ќе се одржат заедно со претседателските на 21 април.

Освен СДСМ, кој треба да го потврди предлогот на партиска конвенција на огранокот во Охрид, засега официјално со предлог кандидат излезе уште и ГДУ, која најави дека на претстојните локални избори за градоначалник ќе трча со Михаил Трендафилов – Нанче.

OhridNews