Појавата на сезонски грип, проследена со сезонски настинки поттикнати од температурни разлики во време на Ковид – пандемија создава дилема кај граѓаните како треба да постапуваат. За поставување на диференцијална дијагноза помеѓу Ковид-19 и сезонски грип ќе треба многу да се внимава бидејќи станува збор за вируси со слична симптоматологија кои диверенцијално дијагностички тешко може да се разликуваат, а е многу важна терапијата и пристапот кај секој пациент, вели Д-р Никола Филев, специјалист по педијатрија.

Навистина ќе биде голем проблем диференцијално да го одделите грипозниот вирус од Ковид -19. Ќе треба искусно клиничко око да ги диференцира, да се дијагностицира врз основа на лабораториски наоди, и да се внимава на терапијата. Кај пациент со грипозна симптоматологија би требало веднаш да се направи антигенски тест или PCR тест, за ориентационо да се види клиничката слика на пациентот. Треба да се следат сите симптоми на Ковид-19, кои што за жал се најразлични, објаснува Д-р Филев.

Што се однесува до моменталната состојба, има појава на вирози, но не од толку интензивен тип. Во периодов, честа е појавата на ларингит кај децата во школска возраст, кој исто така е вирусна појава.

Минатата година немавме појава на грип, бидејќи бевме изолирани и постојано носевме маски, а децата не одеа на училиште. Сега имаме трансмисија на вируси бидејќи од една страна децата се во училиштата, а од друга страна дисциплината на народот е на многу ниско ниво, луѓето не држат дистанца и не носат маски, вели Д-р Филев.

Тој додава дека е многу важна консултацијата со лекар при секоја забележлива промена. Препорачува граѓаните да не преземаат чекори на своја рака за терапија или за дијагностицирање, како и граѓаните да ги прават редовните лекарски прегледи со цел да се превенираат други болести.

Консултација со доктор треба да се прави, особено младата популација, затоа што секој вирус може да биде влезна врата и за останати бактерии и да настанат компликации, од обична настинка да дојде до пулмолошки заболувања или пневмонии. Во овие моменти  ќе треба да има многу деликатен пристап во дијагонстицирање на клиничката слика на пациентот, вели Д-р Филев.

Од денес започна и пријавувањето за вакцина против сезонски грип. Се препорачува дека после 4 недели од вакцина за Ковид-19 може да се прими вакцина против сезонски грип, меѓутоа зависи од секој организам дали ќе развие антитела за двете состојби. Во секој случај, хронично болните лица и ризичните категории би требало да ја примат вакцината, додава Д-р Филев.

Ковид-19 предизвика и смртен исход кај припадници на младата популација. Според Д-р Филев ова е нов момент со кој се соочува целата нација, но сепак потребно е да се има протоколи за дијагностика и за терапија по кој ќе се постапува со пациентите.

Порано се сметаше дека доколку пациентот има други болести коишто веќе го нарушиле организмот, а се заразил со Ковид-19 може да предизвика смртен исход. Меѓутоа, имаме случаи на починати пациенти кај луѓе кои претходно биле сосема здрави и од млада популација. Ова е толку ново за нас и за жал немаме протоколи ни на дијагностика, ни на терапија.

Д-р Филев додава дека има недостиг на стручен и искусен персонал генерално во болниците. Според него, Ковидот е општа болест која може да ги нападне и внатрешните органи и вели дека дел од искуствата веќе би требало да се стекнати, меѓутоа, тие треба да се дисперзираат до сите релевантни структури, нешто што до сега не е направено.

 

К.А.