Иднината на современата медицина е во матичните клетки, смета врвниот научник и кандидат за нобелова награда Џереми Мао, кој  неодамна престојуваше во Охрид. Тој одржа предавање на конгресот на македонските стоматолози, пред кои ги изнесе најновите достигнувања во современата медицина. Екипата Ohridnews имаше ексклузивна можност да поразговара со еминентниот професор на универзитетот „Колумбија“.

Матичните клетки се примарни  клетки кои имаат способност на самообновување и трансформација во каков било друг вид на клетка, но и да регенираат некое оштетено ткиво или орган, како што се на клетки на срцевиот мускул нервни клетки и друго. Д- р Мао вели дека науката на полето на матични клетки напредува со голема брзина и многу скоро може да се очекува лек за многу досега неизлечивите болести.

– За разлика од досегашните методи на досега неизлечивите болести, кои претставуваа само третман, а не и излекување, со матичните клетки се гарантира за многу болести целосно излекување. Инсулинотерапијата, која сеуште е само терапија со трансформација на матичните клетки ќе биде целосен лек. Таков лек се очекува и за паркинсовата болест, за спиналните повреди на р’бртот, автоимуните болести. Современата медицина базирана на матичните клетки може да ги излечи болестите за кои сегашната медицина нема лек, ни изјави д-р Мао.

Матичните клетки можат да се добијат на повеќе начини, но најкорисни се тие од папочната врвка и од млечните заби. Зачувувањето на матични клетки што како метод на лекување во САД започна да се применува пред 5 години, во Македонија е релативно нова работа, но интересот е се поголем, велат стоматолозите.

-Кога ќе се информира ниеден човек нема проблем да сака да се складираат матични клетки затоа што кога ќе сфати дека иднината во лекувањето на човекот се тие природни ресурси, вели доцент д-р Оливера Саракинова.

Зачувувањето на матични клетки од две млечни запчиња во Македонија чини околу 1200 евра. Материјалот се чува во специјална банка под посебни лабораториски услови и може да се употреби во секое време за лекување на донаторот и неговите најблиски.

– Матичните клетки немаат рок на траење. Замрзнати на -196 степени Целзиусови практично се замрзнува биолошкиот живот на клетката, таа не старее никакви промени не доживува и може да се примени и во следните 20 години, вели Анастасија И. Костовска од „Био-Технологија“, овластена компанија за складирање матични клетки.

Науката очекува во иднина уште поголем развој на современата медицина базирана на матичните клетки, поради што на родителите им се препорачува да не ги фрлаат паднатите млечни заби на децата, туку истите да ги зачуваат за евентуално лекување на тешки болести за кои современата медицина сеуште нема лек.

Г. Момироски