Поројниот дожд во текот на изминатото деноноќие предизвикал поплавување на подруми и гаража на две куќи на ул. „Стив Наумов“ во Охрид, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Регионалниот ЦУК Охрид известил дека добиле пријави од граѓани за поплавување на подруми и гаража на две куќи на ул. „Стив Наумов“, во Охрид. Од страна на Општина Охрид е контактирано со ЈП „Нискоградба“ и ЈП „Колекторски систем“ бидејќи колекторскиот систем не можел да ја прими во целост количината на вода поради обилните врнежи од дожд. За кратко време состојбата е санирана, соопшти ЦУК.

Во изминатото деноноќие, како што информираат од ЦУК, биле евидентирани три пожари на отворено.

Центарот за управување со кризи соопшти дека изминатите 24 часа имало вкупно 1 491 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 62,84 отсто, а 37,16 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 63,18 отсто, кон итната медицинска помош 29,09 проценти, кон пожарникарите 2,73 отсто, a кон АМСМ 1,36 отсто од повиците кон бројот 112.

Од ЦУК апелираат до граѓаните за голема внимателност при појава на локалните нагли метео промени и особена внимателност при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења. Граѓаните да не се престојуваат на отворен простор и под осамени дрвја.

OhridNews

Фото: МИА