Центарот за управување со кризи информираше дека поведуваат процедура пред надлежните министерства за земјоделство и за екологија, да извршат процена дали се исполнети условите за отстрел на мечка на територија на Општина Маврово и Ростуше. Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов на прес-конференција посочи дека станува збор за мечката која на 23 октомври нападна и повреди 76 годишник од Пласница.
Како Центар за управување со кризи, ние сме против убивање на мечките, но во случај на појава на опасната мечка, којашто не е спорно дека нападнала човек и за којашто постои опасност повторно да нападне човек, да убие човек или истиот тешко да го повреди, ние само ја придвижиме процедурата пред надлежните министерства, рече Ангелов.
Тој посочи дека отстрелот на мечката, иако е заштитена со закон, е во согласност со Законот за ловство, член 16 став 5.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство може да дозволи лов на трајно заштитен дивеч во којшто спаѓа и мечката по претходно мислење од Министерството за животна средина и просторно планирање. Во Законот за заштита на природата во членот 23 став 2 е предвидено дека отстрел на диви животни се врши врз основа на претходно добиена дозвола од министерот кој раководи со органот на државна управа, надлежен за вршење на работите од областа на ловството, а врз основа на претходно прибавено мислење од министерот кој раководи со органот на државната управа, надлежен за вршење од работите на работите од областа на заштита на природата, потенцира Ангелов.
Првиот човек на ЦУК рече дека во последните десетици години нема регистрирани напади од мечки, па затоа треба да се види дали оваа посочена мечка е нешто повеќе агресивна и треба да биде мета на отстрел.
Токму од оваа причина бараме МВР целосно да го расветли случајот бидејќи вчера лично зборував со возрасниот господин кој беше нападнат, беше преплашен, но сакаме да дознаеме што точно се случило и зошто нападнала. Можно е да била исплашена, ловен ден, се нашол на пат, таа го турнала и го гризнала за слабините, но не силно. Може се работи само за несреќен случај. Институциите ќе испитаат дали се работи за агресивна мечка, рече Ангелов.
Според директорот на ЦУК, жителите на Општина Маврово и Ростуше, сепак се навикнати на живот со мечките и генерално немаат проблеми.
Проблемот е кога неколку условно речено агресивни мечки, се охрабриле и доаѓаат да јадат во дворовите, каде има храна и мириса на храна во секоја куќа. И мириса на мечката која е изгладнета. Станува похрабра и подрска во доаѓањето во населените места, рече Ангелов.
На новинарско прашања за дислоцирање на мечките во другите делови од државата, Ангелов истакна дека тоа е чувствителна тема поради потенцијалната можност за вознемирување на жителите во новото место, како и дека не е едноставно да се носат овие големи животни.
OhridNews